Брегзит е лоша идеја, ама исто и ЕУ

Во 2002-ра бев на постдипломски кога првите евро банкноти и монети беа пуштени во оптек. Моите колеги и јас бевме во неверување дека ова стварно се случува. Беше очигледно дека овие 12 држави ја немаа формирано оптималната зона за заедничка валута, на која и недостасуваа институции неопходни за таа да профункционира.

Ќе прашавме "ова не може да заврши добро, зошто го прават ова?" а мојот италијански професор по макроекономија ќе ги собереше рамениците и ќе кажеше нешто како "оправданието е чисто политичко, не економско - некогаш и тоа се случува."

Аргументот на професорот сумира прилично голем дел од историјата на Европската Унија, и зошто утрешниот (23-ти јуни) британски референдум за тоа дали да се останува во блокот, изгледа така страшно. Британија се држеше до својата одлука да ја зачува сопствената валута додека е членка на ЕУ. Заради ова, таа го доби најдоброто од двата света: пристап до големата зона на слободна трговија во Европа, додека и понатаму ја има контролата врз сопствената монетарна политика.

Напуштањето на заедничкиот пазар на ЕУ - во кој добрата, капиталот и трудот слободно се движат преку границите - е слично на "економско самоубиство," според многу разбрани и сериозни луѓе. Британското излегување, или "Брегзит", во најдобар случај е ризичен избор со ограничени позитивни економски страни. Ама истото важи и за многу работи поврзани со ЕУ.

Концептот на заеднички европски пазар е одличен, ама неговото спроведување е ужасно. ЕУ како што е сега има голем број неспособни технократи со ограничена одговорност кон избирачите од земјите членки. Има наследни тензии меѓу државите заради откажување од суверенитетот (за кој многу европски граѓани се длабоко колебливи) и поблиската интеграција неопходна за да го направи проектот, како што беше зачнат, да биде успех.

Без разлика на ова: бирократите притискаа, централизирајќи ја моќта и правејќи грешки (еврото, справувањето со грчката должничка криза, и т.н.). Овие одлуки го оставија континентот послаб а јужните економии на раб од депресија. Лошото раководство е одговорно што должничката криза продолжува, а реформите неопходни за изградба на основите на се-европски раст се игнорирани. Дури и ако Британија не е во еврото, не можеш да ги обвиниш инстинктите да погледнеш преку каналот и да се премислиш, да побараш што е можно повеќе суверенитет повлекувајќи се од проектот кој создаде таков неред.

Може помудрите глави ќе преовладаат. Анкетите се неодредени но според кладилниците шансите за Брегзит се околу 25%. Според нив шансите дека еврото ќе престане да постои до 2020 се 18%. Овие мали, но не тривијални шанси покажуваат колку е фрагилна довербата во пан-европските институции.

Тешко е да се даде издржан економски аргумент за Брегзит. Ама па историјата на ЕУ е преплавена од ужасни економски одлуки донесени во име на некакви политички аспирации. Дали на Европејците им е полошо заради тоа? На некои да, и на Британците ќе им биде ако гласаат за Брегзит, барем на краток рок. Носителите на политики на ЕУ често пати ја ставаат политиката пред економијата - зошто тоа не би го направиле и британските гласачи.

Алисон Шрагер,
Кварц

22 јуни 2016 - 12:27