Бидете подготвени украинската контраофанзива да издише

Украина е малку веројатно да постигне рапидни и одлучни победи. Она што НАТО треба да го направи е да ја заштити Украина од тоа на Франција и Германија да не почнат да им се тресат колена, пишува Ричард Кемп во текстот за Телеграф.

НАТО треба да се подготви за можноста украинската контраофанзива да не постигне некој поголем успех. Всушност, до сега, Киев имаше само ограничен успех. Меѓутоа оние кои очекуваа молневит пробив секогаш ќе бидат разочарани. Ова не се германски Панцери против полска коњица, ниту па американскиот јуриш против деморализираните ирачки сили со антички тенкови и без воздушна заштита.

Наместо тоа ние гледаме нешто што многу повеќе наликува на војување со трошење, во кое напаѓачките сили удираат на добро утврдени бранители. Сегашните операции се во фаза на испитување по должината на четири различни оски на напредок, при што украинските сили ги проверуваат руските позиции обидувајќи се да најдат слаби точки кои потоа можат да бидат омекнати со артилерија и пробиени со оклопните сили. Командоси и партизани работат зад непријателските линии за да создадат конфузија и да го попречат работењето на командните и контролните центри. Напади од голема далечина се користат за да удрат на главните штабови.

Тука клучно ќе биде блефирањето, напаѓањето на колку е можно повеќе области за Русите да не можат да погодат од каде ќе дојде главниот удар. Меѓутоа во војна, операциите ретко одат според планот и моментално шансите не се на страната на Киев. Рускиот генерал Валериј Герасимов имаше доволно време и ресурси да подготви одбрана во повеќе линии. Русите исто така имаат и бројна супериорност во речиси сè, од луѓе и тенкови до, веројатно најважното, артилерија.

Потоа тука се воздушните сили. Речиси секоја напаѓачка сила од Втората светска војна до денес успеала само со воздушна супериорност. Ова е нешто што Украинците го немаат, а веќе ја видовме цената што се плаќа за тоа на снимките од военото поле кои покажуваат американски Бредли возила и германски Леопард 2 тенкови како се распарчени од јуришни хеликоптери.

Па, не е сигурно во чија корист би можела да заврши оваа контраофанзива. Но една работа е сигурна: украинската победа е многу далеку од гарантирана. Ние веќе ја гледаме оваа загриженост во пораките за претпазливост од Белата куќа, каде претседателот Бајден наводно веќе ја пресметува штетата по неговата политичка програма што ќе ја има кој било друг исход освен одлучни придобивки на военото поле.

Коринтјаните ни кажуваат: „Ако трубата има несигурен звук, кој ќе тргне во борба?“ На НАТО самитот во Вилнус следниот месец, ако земјите членки гледаат во амбисот на неуспешна контраофанзива, со сигурност ќе се појават бројни несигурни гласови. Оние кои и до сега се колебаа да испратат оружје ќе имаат нов изговор: Украина нема борбена сила за да постигне победа. Без разлика што, во текот на изминатата година, видовме далеку поколебливи реакции од голем број држави отколку што оваа криза заслужува. Киев сега можеше да извади далеку повеќе Леопард тенкови ако Берлин не ја запреше нивната испорака, па ќе беше возможно дури да имаат и Ф16 во воздух ако одлуката за нивно испраќање беше донесена од Вашингтон пред една година.

Ризикот е дека луѓе како Макрон и Шолц до крајот на годината ќе го обноват своето лобирање Киев да се притисне за мировен договор. Несигурност од таков тип ќе ја поткопа позицијата на Бајден во Конгресот, каде републиканците гледаат да ја искористат секоја шанса за да спречат дополнително финансирање на Украина.

Меѓутоа тоа ќе биде баш погрешниот одговор. Ако офанзивата не успее, Западот ќе треба најискрено да се посвети на прашањето како да се прошират офанзивните капацитети на Украина. А таа поддршка ќе треба да биде засилена со објавување на дефинитивен пат на Украина кон членство во НАТО. Лидерите во Вилнус ќе треба да се прашаат себе си едно прашање: ако Украина со моќта на Алијансата зад себе не може да ја совлада руската агресија, тогаш која е поентата на НАТО?

Ричард Кемп,
Телеграф

21 јуни 2023 - 13:05