Англиски крик против приватизациите во јавното здравство

„Ние не сме идиоти, иако нè третирате како такви. Сосема ни е јасно што мотивот за профит им прави на јавните сервиси“, пишува колумнист на Гардијан за постепеното предавање на здравствени услуги во рацете на приватни компании. Она што е влажен сон на овдешните „реформатори“ и агенти на капиталот, маскирани во високи функции на јавни службеници.

„Доминантниот систем на политичка мисла во нашата земја кој произведе морничава приватизација на јавните здравствен услуги и вчудоневидувачки обиди за гушење на слободниот говор, своевремено ни ветуваше дека ќè не ослободи од дехуманизирачката бирократија. Неолиберализмот требаше да овозможи автономноста и креативноста. Наместо тоа, испорача полу-приватизирана автократија, подеспотска од системот кој го замени.

“Работниците се најдоа заплеткани во кафкијанска бирократија, централно контролирани а локално микроменаџирани. Системите кои зависат од кооперативна етика - училиштата и здравството - се соголени, заплашени и присилени на послушност на диктатите кои ги гушат. Воведувањето на приватниот капитал во јавниот сектор брутално се форсира. Доктрината ветува диверзификација и слобода но инсистира на комформизам и молк“.

Пишувајќи за погубните приватизирања во јавното здравство, Џон Монбиот потсетува на ненаучените лекции од Лудвиг фон Мисес и неговото дамнешно дело „Бирократија“: дека „вредноста на јавната администрација не може да се изразува само во пари,“ дека „владината ефикасност и индустриската ефикасност се две сосема различни работи,“ дека „интелектуалниот труд не може да се мери механички,“ дека „не може да оценувате доктор по тоа колку време троши на еден пациент.“

Врховниот мотив за сеопшта квантификација ги еродира сите јавни сектори: училиштата ги подготвуваат децата само за тестот, болниците ги штимаат бројките па префрлаат луѓе од една на друга листа, полицијата упорно игнорира некои криминали а убедува осомничени да признаат и други дела само за статистиката да им биде подобра, наместо длабоки монографии, универзитетите ги мотивираат студентите да пишуваат брзи и блесави текстови за да ги максимизираат своите поени.

Резултат на тоа е ем неефикасни јавни услуги ем жестока деморализираност на вработените. Вешти и способни луѓе, дури и хирурзи чие школување траело долго и било скапо, решаваат да дигнат раце заради стресот и мизерноста на целиот систем. 

Со препуштање на јавните услуги на приватни компании, или креирате приватни монополи кои безмилосно ќе цицаат ресурси или создавате конкуренција која ќе доведе до фрагментиран и некохерентен систем каков што може да се види во многу приватизирани железници.

„Луѓето сакаат суштинските услуги да бидат јавни, а не приватни, и имаат право на тоа,“ заклучува Монбиот.

 

30 јули 2019 - 08:44