Внимателно со компјутерската томографија, ризикот од рак не е мал

Скенирањето со компјутерската томографија рано открива прикриени болести и спасува животи, но научници се загрижени дека претераното користење на оваа технологија го зголемува ризикот од развој на канцер кај пациентите. Иако дозите на јонизирачко зрачење се ниски, ризикот сепак постои. Се препорачува да се ограничат скенирањата само за пациентите на кои тоа им е неопходно.

Британско-американски научен тим предупредува дека и минималното јонизирачко зрачење од скенирања со компјутерска томографија може да предизвика канцер кај десетици илјади пациенти.

Теоретските пресметки во анализата укажале дека скенирањето со КТ би можело да предизвика 5% од сите нови дијагнози на рак во САД. Ако се имаат предвид податоците дека во САД во 2023 година биле спроведени 93 милиони прегледи со компјутерска томографија на околу 62 милиони пациенти, тоа би значело 103.000 идни случаи на рак.

Имајќи предвид дека биле скенирани 2,5 милиони деца, проекциите се дека кај 9.700 може да се појави рак.

На индивидуално ниво веројатноста за развој на рак како последица на скенирање со компјутерска томографија е минимална. Но, бројот на прегледи кои се вршат секоја година се зголемува за повеќе од 30% од 2007 година.

Со анализата биле опфатени долгорочни студии на Јапонци што ги преживеале атомските експлозии и на лица што биле изложени на радијација при хаварија во нуклеарни централи. Кај 25.000 преживеани лица од Хирошима, кои примиле доза на јонизирачко зрачење на исто ниво колку три или повеќе скенирања со КТ било забележано мало, но значително зголемување на ризикот од појава на рак во текот на животот.

КТ често спасува животи, но неговите потенцијални штети често се занемаруваат. Дури и многу малите ризици од рак ќе доведат до значителен број на идни карциноми со оглед на огромната употреба на КТ, се наведува во извештајот на аналитичкиот тим на Ребека Смит-Биндман од Универзитетот во Калифорнија.

Лекари, од друга страна се залагаат за повеќе скенирања заради рано откривање болести. Тие наведуваат дека дозите на зрачење се многу ниски, приближно со количина што телото вообичаено ја прима од околината во период од три години. Испитување спроведено во САД покажа дека во споредба со рендгенска снимка на граден кош скенирања со компјутерска томографија придонесле за 20% помал број смртни случаи од рак на бели дробови кај пушачи.

Авторите на новото истражување укажуваат дека неоправданите тестови го изложуваат населението на непотребно зрачење. Резултати од нивните анализи сугерираат дека некои луѓе се поподложни на рак од ниски дози јонизирачко зрачење.

Проценетите ризици биле повисоки кај децата и адолесцентите отколку кај возрасните пациенти. Кај бебињата на возраст под една година, на пример, поголем е потенцијалот да развијат рак на тироидната жлезда во текот на животот.

18 април 2025 - 13:21