Јанис Варуфакис

Ангела Меркел има црвено и жолто копче. Едното става крај на кризата. Кое ќе го притисне?

Глобалниот Минотаур од неолиберален капитализам фокусиран на Вол Стрит го држеше светот како заложник од 1971-ва до 2008-ма. Сега европските држави што бројат суфицит се обидуваат да го кренат неговиот леш.

Банкроткратијата подеднакво е европска несреќа колку што е и американски "изум". Разликата во искуствата на двата континенти е тоа што Американците не мора да аргатат под огромните дизајнерски пропусти на Еврозоната. Замисли го нивното разочарување ако граѓаните на најтешко погодените држави (пр. Невада или Охајо) мора да се грижат за смртоносната прегратка меѓу долгот на нивната сојузна држава и загубите на банките кои работат на нејзината територија.

Дополнително, Американците се поштедени од потребата да се нагодуваат со централна банка крајно окована во своите внатрешни поделби и наклоноста на германската централна банка да ги третира најлошо погодените делови од Унијата (за Еврозоната) како туѓи земји кои мора да бидат под тортура се додека не престанат да ги почитуваат законите на макроекономијата.

Во изминатите две години, дебатата во Европа се фокусираше исклучиво на прашања кои звучеа технички и минорно: дали ќе има "услов" поврзан со купувањето на италијанските и шпанските обврзници од ЕЦБ? Дали ЕЦБ ќе ги надгледува сите европски банки или само системските?

Ова се прашања кои не можат да бидат од вистински интерес за никого освен за оние со морбидна заинтересираност околу поврзаноста меѓу јавните финансии и монетарната политика. А сепак овие прашања (и начинот на кои тие ќе бидат одговорени) ќе се покажат подеднакво важни за иднината на Европа како и договорите од Вестфалија, Версај и Рим. Ова се прашањата кои ќе утврдат дали Европа ќе успее да се задржи заедно или ќе подлегне на пакосните центрифугални сили кои беа ослободени при крахот од 2008-ма.

И покрај ова, тоа не се прашања за кои вреди тука да се разлага. Тие само успеваат да ја одразат трагичната реалност која може да биде опишана со едноставни зборови без користење на каков било жаргон: Европа се распаѓа бидејќи нејзината архитектура едноставно не беше доволно стабилна за да ги издржи брановите предизвикани од смртните болки на она што го нарекува глобален Минотаур: систем на неолиберален капитализам централизиран на Волстрит, кој од 1971-ва од светот бараше принесување жртва.

Прилично е јасно дека неликвидноста на Мадрид и Рим немаат никаква врска со фискалното расипништво (ако ви текнува Шпанија имаше помал долг отколку Германија во 2008-ма, а Италија конзистентно има низок буџетски дефицит) и секаква врска со начинот на кој макроекономијата на Еврозоната значително се потпираше на глобалниот Минотаур за нејзиниот извоз. Откако тој почна да пропаѓа во 2008-ма и исчезна приватниот кеш од Волстрит, два настани ја доведоа Европа на колена.

Првиот беше последователната смртна прегратка од банкротираните банки и неликвидните држави (почнувајќи од Грција, па потоа пренесувајќи се на Ирска, до Португалија, и продолжувајќи се додека Италија и Шпанија не беа распарчени на разни страни). Вториот беше глумата на Минотаурот и неговата решителност да ја чува можноста кога сака да ја напушти Еврозоната, и со тоа да се отфрли како било рационален план за средување на валутната унија на одржив начин.

Прашањето е: зошто толку отпор, посебно од Германија, кон секоја идеја за ставање крај на евро кризата? Стандардниот одговор е дека Германија не сака да плаќа за долговите од периферијата и дека ќе одбие какви било федерални потези (пр. банкарска или фискална унија) се додека не е уверена дека нејзините партнери ќе се однесуваат одговорно со парите обезбедени од Германија. Иако ова добро го опфаќа размислувањето на многу северни Европејци, тоа не е поентата. Размислете околу следнава умствена вежба, која, верувам, ќе ви помогне да откриете подлабоки мотиви.

Замислете сцена во која срамежлив министер за финансии влегува го кабинетот на канцеларката во Берлин носејќи табла на која има едно жолто, и едно црвено копче, и и' кажува дека мора да избере едно од двете. Еве како тој и објаснува што прави секое од копчињата:

ЦРВЕНО КОПЧЕ
Ако го притиснете, евро кризата веднаш завршува, со генерален раст низ цела Европа, и изненаден пад на долгот на секоја земја членка под границите од Мастрихт, без проблеми за грчките граѓани (или италијанските, или португалските...), без потреба од гаранции за периферните долгови (на држави или банки) дадени од германските и грчките даночни обврзници, каматните стапки низ целата Еврозона стануваат 3%, намалување на внатрешниот дисбаланс во Еврозоната, и комплетен раст во вкупните инвестиции.

ЖОЛТО КОПЧЕ
Ако го притиснете, ситуацијата во Еврозоната горе долу останува иста скоро цела деценија. Евро кризата продолжува да расте, меѓутоа цело време е контролирана. Иако веројатноста за распаѓање, кое ќе биде катастрофално за Германија, не е за занемарување, шансите се дека ако го притиснете жолтото копче, Еврозоната нема да се распадне (со малку помош од ЕЦБ), германските каматни стапки ќе останат екстремно ниски, еврото ќе биде фино девалвирано (фино од перспектива на германските извозници), обврските на периферијата ќе бидат огромни (ама не експлозивни), Италија и Шпанија ќе влезат во подлабока должничка спирала која ќе се погрижи за намалување на нивните национални приходи за околу 15% во следните 3 години, Франција полека ќе влезе во квази-неликвидност, БДП-то по глава на жител полека ќе расте во земјите со суфицит и ќе паѓа на периферијата. А што се однесува за првите "паднати" нации (Грција, Ирска и Португалија), тие ќе станат мали Латвии или Косова: опустошени земји (по губењето меѓу 25 и 40 проценти од националните приходи, масовен егзодус на нивниот квалификуван кадар) во кои луѓето ќе одат на одмор и ќе купуваат евтини недвижности. Севкупно, ако го изберете жолтото копче, невработеноста во Еврозоната ќе остане над нивоата во САД и Британија, инвестициите ќе бидат анемични, растот негативен а сиромаштијата ќе расте.

Што мислиш ти, драг читателу, што ќе сака да стисне канцеларката?

Иако жолтото копче нема никаква привлечност за американскиот претседател или за британскиот премиер, за германската канцеларка тоа е многу помоќна опција. Дури и ако канцеларката посака да го избере црвеното копче, таа ќе биде тероризирана од реакцијата на германскиот електорат доколку го стори тоа. Оставањето Грците, и Италијанците, и Шпанците и Португалците лесно да ја минат нивната Голема депресија е малку веројатно дека ќе донесе многу гласови источно од Рајна и северно од Алпите.

Веќе две години, германската јавност е уверена дека Германија го избегна најлошото од кризата бидејќи нејзините луѓе чесно ја прифатија штедливоста и тешката работа; наспроти расипниците од југот, кои како расвирениот штурец, не направија залиха која ќе им служи кога финансиските ветришта ќе станат остри и студени.

Ваквото размислување оди рака под рака со моралната правичност која во срцата и умовите на добрите луѓе всадува наклоност кон спроведување казна врз штурецот - дури и ако казната за него е и казна за себе (до некаде). Исто така оди рака под рака со радикално погрешната перцепција за тоа што ја одржуваше Еврозоната здрава а Германија во суфицит до 2008-ма: глобалниот Минотаур чие генерирање на побарувачка со децении дозволуваше земји како Германија и Холандија да останат нето извозници на капитал и потрошувачки добра во и вон Еврозоната.

Интересно, една од најголемите тајни на периодот по 2008-ма е тоа дека смртта на Минотаурот повеќе влијаеше на побарувачката во земјите со суфицит во Еврозоната (Германија, Холандија, Австрија и Финска) отколку во земјите со дефицит (Италија, Шпанија, Ирска, Португалија и Грција). Иако изненадното повлекување на капиталот од земјите со дефицит придонесе за нивната неликвидност, земјите како Германија сметаат дека нивните "темели" се многу посериозно оштетени од крахот во 2008-ма. Овој факт, заедно со намалувањето на германските плати, ги објаснува подлабоките причини за анимозитетот на места како Германија, кој толку лесно се претвора во гнев кон Грците и одредени Медитеранци - чувства кои потоа добиваат реципроцитетен одговор, давајќи му уште еден круг на тркалото на интра-европски анимозитети, помагајќи и на растот на ксенофобијата, дури и нацизмот (во земји како Грција, што е прилично неверојатно), доведувајќи до масовна подготвеност да се притисне жолтото, наместо црвеното копче.

Да заклучиме, рециклирањето на суфицитот од страна на Минотаурот беше клучно за одржување на фаличната градба на Еврозоната. Кога ова го снема, областа на европската заедничка валута или ќе биде редизајнирана или ќе влезе во долг, болен период на дезинтеграција. Неподготвеноста на земјите со суфицит да прифатат дека, во пост-минотаур светот, е неопходен некаков друг вид на рециклирање на суфицитот (и дека дел од нивниот суфицит мора да биде рециклиран) е причината зошто Европа изгледа како обратна алхемија: додека алхемичарите се трудат да претворат олово во злато, европските обратни алхемичари почнаа со злато (проект на интеграција кој беше гордост на нејзините елити) меѓутоа наскоро ќе завршат со институционален еквивалент на олово.

Извадок од "The Global Minotaur: America, Europe and the Future of the Global Economy"

7 јули 2015 - 13:10