Ангел на пеколот

За Мајка Тереза, која папата ја прогласи за светица и ја нарече "олицетворение на милосрдието", се врзуваат голем број контроверзии: на сиромашните и болните Мајка Тереза им даваше "љубов Божја", но освен тоа речиси ништо не добија. Ниту пак е јасно каде завршиле бројните донации кои ги добиваше, па и од личности како што беа диктаторот на Хаити, Дувалие, и американскиот измамник Чарлс Китинг.

Беше еднаш едно девојче кое само сакаше да го следи Исус и да им помага на сиромашните. Стана калуѓерка и од удобноста на Европа замина онаму каде што на сиромашните им беше најтешко, во Индија. На улиците на Калкута им помагаше на најзагрозените, на кои никој не сакаше да им помогне. Им го посвети сето свое време и до крајот на животот бараше начин како да им ги олесни земските маки. Ништо не и беше тешко, им пружаше утеха на болните и кутрите, на оставените и презираните. Илјадници ја следеа и денес, 19 години по нејзината смрт, пет илјади калуѓерки во стотина установи низ целиот свет го продолжуваат патот на скромната скопска Албанка, Агнес Гонџа Бојаџиу.

Секако, станува збор за Мајка Тереза која папата Франциско на 4-ти септември ја прогласи за светица на Католичката црква во големата свеченост во Ватикан. Римокатоличката црква ја прогласи 2016 за година на милосрдието, а за време на церемонијата, папата ја нарече Мајка Тереза "олицетворение на милосрдието."

Создавањето на брендот на најголемата светска доброчинителка траеше со децении. Светот слушна за Мајка Тереза кон средината на 1969, кога Бибиси го емитува документарецот "Нешто убаво за Бога". Од тогаш нејзината популарност само расте. Тешко е да најде битна личност од политиката од тоа време која не може да се пофали со слика со Мајка Тереза. Луѓето со децении слушаа за нејзините добри дела во Калкута, сликите со "презираните на светот" кои умираат во нејзината прегратка, го обиколуваат светот. Додека големото мнозинство трчаше во правец на нејзина глорификација, чија круна беше Нобеловата награда за мир во 1979, мала и упорна чета критичари одлучи да ѕирне што се крие зад позлатената рамка, по што одредени скелети почнаа да излегуваат од плакарот.

Најпрво се откри дека болниците на Мајка Тереза не се ништо друго освен своевидни магацини за луѓе на умирање. Мери Лудон беше волонтерка во една од институциите на Мисионерките на милосрдието, основани од Мајка Тереза. Нејзиното сведоштво е објавено во филмот "Ангели од пеколот" на британскиот книжевник со потекло од Индија, Кристофер Хиченс, и британско-пакистанскиот новинар и писател Тарик Али: "Тоа се две соби со педесет до шеесет мажи во едната, и педесет до шеесет жени во другата. Не им се дава преголема медицинска помош. Не им даваат лекови за ублажување на болката освен аспирин или можеби, ако имаат среќа, по некој бруфен или нешто за болката што ја следи последната фаза на карциномот или болеста од која умираат."

Кога не би биле Мисионерките на љубовта, несреќниците за кои станува збор веројатно би биле препуштени сами на себе и би умирале на улиците на индиските градови, меѓутоа многумина го поставуваат прашањето зошто тие мораа да страдаат во стравотни болови и во потполно неадекватни услови, бидејќи бројни донатори уплаќаа милиони долари на сметките на Мајка Тереза. Одговорот на ова прашање се крие во снимката од разговорот на Мајка Тереза со еден пациент на умирање: "Патиш како Исус на крстот. Затоа Исус мора да те љуби." Пациентот тогаш ја замолува Мајка Тереза да му порача на Исус да престане да го љуби.

Оваа сцена совршено ја опишува доктрината за која таа се залага. Бол и страдање како идеал, царство небесно како награда. Затоа до ден денешен не е познато каде завршија парите од донаторите: сигурно не во установите кои ги водеше каде иглите се користеа додека не отапат, каде немаше ниту квалификувани доктори ни прави лекови, во кои хигиенските стандарди беа на ниско ниво. Интересно е дека кога на неа и затреба медицинска помош, таа замина во САД каде се лечеше во врвни услови на најдобрите и најскапите клиники.

Иако Мајка Тереза тврдеше дека не се занимава со политика, нејзината изјава за време на доделувањето на Нобеловата награда за мир, "абортусот е најголем непријател на мирот... бидејќи ако мајка може да го убие своето дете, што ќе не спречи нас да се убиеме себе или други?" дефинитивно е политичка, како и нејзините ултра-конзервативни и фундаменталистички ставови за разводот и контрацепцијата.

Тереза од Калкута, како што ја викаа, на сиромашните и болните им даваше, како што таа сакаше да каже, "Божја љубов". Проблемот е што освен тоа, тие не добиваа речиси ништо. Кога во Индија во 1984, дојде до еколошка катастрофа и истекување плин во една странска корпорација, од што умреа 2.500 луѓе, Мајка Тереза на семејствата на жртвите им порача да им простат на виновниците за оваа катастрофа.

Посебно се контроверзни донациите што ги прима од диктаторот на Хаити, Дувалие, и американскиот измамник Чарлс Китинг, чија банка измами илјадници граѓани и кој на крај заврши во затвор. Универзитетот во Монтреал пред неколку години објави често цитирана студија во која се вели дека Ватикан комплетно го занемарил "сомнителниот начин на кој Мајка Тереза се грижи за болните, нејзините сомнителни политички контакти, и сомнителното управување со огромните суми пари од донации."

Иако во Индија Мајка Тереза ја славеа политичките елити, на кои им беше поважно да ја искористат нејзината популарност отколку да фатат да се справат со условите во нејзините прифатилишта, и таму имаше критичари на нејзини методи. Така националистите меѓу Хиндусите ја нарекува "собирачка на човечките души" чија цел е ширење на римокатоличката вера, а не помош на најзагрозените.

Докторот Аруп Катерји од Калкута во 2003 ја објави книгата "Мајка Тереза: конечна пресуда". Книгата носи сведоштва на голем број соработници на Мисионерките на милосрдието кои се згрозени од условите во објектите под нивна надлежност. Заради ова, авторот ја опишува Мајка Тереза како "средновековно мрачно суштество."

Факт е дека Мајка Тереза го доби највисокото индиско цивилно одликување и дека голем број политички видни личности протестираа против критиките на нејзина сметка и дека милиони римокатолици низ светот ја сметаат за светица и пред службеното прогласување. Ова следуваше по две "чудесни заздравувања", од кои барем едно исто така е контроверзно. Имено, на Мајка Тереза и се припишува оздравувањето на Моника Бесра, која наводно боледувала од тумор и го дава следното сведоштво: "Седев во црква кога од над сликата на Мајка Тереза ме огреа силна светлост, која ме фрли наназад."

За оној кој е во состојба да верува дека тумор може да се лечи со светлоста од сликата на Мајка Тереза ниту еден критичар нема да биде доволно уверлив. Он има да верува и да пати, па негово ќе биде кралството небесно.

Горан Плавшиќ,
Новости

12 септември 2016 - 12:50