Ѝ верувате ли на Амбер Херд? Дали ѝ верувате кога вели дека била злоставувана од Џони Деп? И дека Деп бил толку жесток кокаиноман што користел и апликатор за тампон за да шмрка? И дека не била таа која серела во креветот на Деп, туку нивното куче? Вербата во Амбер Херд, непоколебливата верба во сè што таа вели, стана нешто како морален лакмус тест изминатите неколку недели од судењето за клевета. Добрите луѓе веруваат во Херд, лошите луѓе мислат дека таа е лажлив нарцис. „Зошто е време да ѝ се верува на Амбер Херд?“, гласи наслов во Вог. Оние кои се сомневаат во „нејзината вистина“ очигледно доживеале „ерозија на емпатијата“, порачуваа оваа модна Библија.
Сега кога му дојде крај на мачниот спектакл а светот ја чека пресудата, можеби е добро време да се размисли што значи овој вид „верување“ . Фановите на Деп се убедени дека сè што вели Херд е лага. Идејата дека та не може да отвори уста без да излаже е очигледно неправедна. А сепак, идејата дека мора да ѝ се верува и дека обратното е знак на морална корупција, исто така е погрешна. Мислењето дека жените се или ѓаволи кои постојано плетат дубари или пак ангели чиј секој исказ е евангелска вистина, е неверојатно регресивна. Во оваа смисла, судењето на Херд/Деп осветли, иако несакајќи, некои сериозни проблеми во она што денес важи за феминизам.
Крикот на нашата пост-#MeToo ера е „Верувај им на жените“. Но, изминатите неколку години стана болно јасно дека тоа не значи на сите жени. „Верувањето“ е луксуз во кој уживаат добростоечките жени кој често им се ускратува на сиромашните и на оние жени кои на некој начин се „проблематични“.
И за време на судењето на Деп / Херд - дури и кога Вог и другите разбудени медиуми инсистираа дека верувањето во секое тврдење на Амбер е свечена должност на сите луѓе со вистинско размислување - имавме примери на жени на кои не им се верува.
Така, кога беше објавено дека една млада ученичка во Британија била сериозно малтретирана само поради дрскоста да не верува во транс идеологијата, луѓе кои вообичаено велат „Верувај им на жените“ во суштина реагираа дека не им се верува и дека приказната нешто им смрди. Овен Џонс од Гардијан го предводеше обвинението. Тој дојде до учениците - наводните насилници, запомнете - за да може да ја слушне „нивната приказна“. Ако го правите тоа за „приказната“ на Амбер - ќе бидете означени како неверник со предрасуди. Но, направете го тоа во врска со девојка која наводно е малтретирана затоа што се сомнева во евангелието на родовата флуидност и вие сте прогресивен херој.
Постои поширок проблем со култот на автоматско верување во (некои) тврдења за злоупотреба на жените. Автоматското верување во жените е спротивно на принципите на правдата. Тоа го негира принципот дека сите – да, и мажите – треба да се сметаат за невини додека не се докаже вината. Како што рече големата Маргарет Атвуд за време на моментот #MeToo: „Да биде јасно, некои жени лажат. Зошто да не? Тие се човечки суштества.“ „Всушност, штетно е за жените“, рече Атвуд, да ги третираме како „ангели на совршенството“.
Тоа е апсолутно точно: и жените и мажите кои наведуваат злоупотреба и малтретирање, треба да се сослушаат со сочувство, но не треба веднаш и некритички да им се верува. Не треба да претпоставуваме дека Амбер Херд е патолошки лажго или суштество неспособно да лаже; дека таа е злобна кучка или беспрекорен глас на вистината. Таа е човечко суштество, исто како и сите нас. Но, еве го прашањето што треба да се задржи долго по ова лудо судење: зошто на Херд и на другите жени им веруваат разбудените елити, додека некои „проблематични“ се инорираат и замолчуваат? Одговорот на ова прашање ќе ни помогне да разбереме зошто култот на разбуденоста има толку сериозен, па дури и мизогин проблем со женскиот свет.