АфД не падна од Марс

Ако некој граѓанин каже дека не сака бескрајно финансирање на војна, тоа автоматски не го прави човек на Путин. Ако бара построги политики за миграција, тој не е автоматски нацист. Ако праша зошто неговата земја има пари за секоја геополитичка амбиција, а секогаш од него бара да го стегне каишот, тоа прашање не е екстремистичко.

Ако кажеш дека луѓето ги чувствуваат последиците од неконтролираната миграција – популист си.

Ако прашаш уште колку милијарди треба да се дадат за војна и вооружување – популист си.

Ако кажеш дека граѓаните стравуваат за стандардот, безбедноста и иднината – популист си.

Ако се дрзнеш да прашаш дали политиките на оние што владеат можеби се погрешни – веќе си опасно блиску до екстремизам.

Се чини дека единственото нешто што не е популизам е игнорирањето на она што народот го зборува со децении.

АфД можеби не е решението. Но, проблемите што ја растат таа партија не се измислени само затоа што AfD зборува за нив. Тука почнува проблемот.

Зашто, најлесно е да се осуди партијата. Многу потешко е да се признае дека токму нејзините политички противници со години ѝ го подготвуваа теренот.

Кога власта создава незадоволство, а потоа незадоволните ги смета за глупави, заостанати, екстремисти или жртви на популизмот, таа не се бори против популизмот. Таа го храни.

И сега се соочуваме со гротескна ситуација: сите против AфД. Ако треба, пет партии заедно. Леви и десни, зелени и конзервативци, довчерашни противници со идни партнери. Разликите што до вчера изгледаа „ненадминливи“, одеднаш стануваат ситници.

Платформа? Ќе ја смислиме. Идеологија? Ќе ја прилагодиме. Сè само за да гне дојдат ТИЕ. И сето ова, се разбира, се претставува како одбрана на демократијата. Сепак, еден незгоден детал се занемарува: и гласачите на AфД се дел од таа демократија.

Можете да ја изолирате партијата. Можете да одбиете да формирате коалиција со неа. Можете да ја етикетирате како популистичка, радикална или екстремна.

Но, не можете со коалициски договор да ги елиминирате причините поради кои милиони луѓе гласаат за таа партија.

На крајот на краиштата, ако некој граѓанин каже дека не сака бескрајно финансирање на војна, тоа автоматски не го прави човек на Путин. Ако бара построги политики за миграција, тој не е автоматски нацист. Ако праша зошто неговата земја има пари за секоја геополитичка амбиција, а секогаш од него бара да го стегне каишот, тоа прашање не е екстремистичко. Можеби е само незгодно.

Баш тоа стана главна европска политичка дисциплина: не да се одговори на незгодно прашање туку да се дискредитира лицето што прашува. Така AфД го добива најголемиот подарок од своите противници. Не мора дури ни да биде особено досетлив; доволно е само да чека. Колку повеќе политичкиот центар ја прогласува за единствен виновник, толку помалку партијата треба да ги објаснува сопствените слабости, противречности и радикални елементи на својата политика.

Зашто, AфД не падна од Марс. Таквите партии обично растат таму каде што традиционалните партии со години одбиваат да слушнат што им кажуваат граѓаните.

Лошата политика раѓа револт. Долготрајното игнорирање раѓа гнев. А на гласачките места, тој гнев бара адреса. Денес, таа адреса е AфД.

Тоа е можеби најголемиот парадокс на германската политика: сите прашуваат како да се запре AфД, а ретко кој како да се запрат политиките што ѝ носат гласачи. 

Првото бара етикетирање додека второто бара признавање на сопствените грешки. А во политиката, се чини, сè уште е многу полесно да се отпишат милиони луѓе како популисти отколку да се погледне во огледало и да се запраша: „Што ако проблемот не е само во тоа за кого гласаат, туку во тоа зошто престанаа да гласаат за нас?“

Бошко Црнобрња

 

11 септември 2026 - 09:38