Лекции по индивидуалност

Абдулах Сидран за генералот кој се самоуби во Хаг

По крвни зрнца, бошњачкиот писател и хрватскиот генерал би требало да се крвни непријатели од трагично закрвената Босна. Ама, лично напатениот од страшната војна Сидран не е како овие нашиве хиени кои никако да се наситат.

Сметате ли дека Слободан Праљак и Радован Караџиќ не би биле тоа што се и таму каде што се, ако животите не им беа одредени од судбината на нивните татковци? Вуко Караџиќ беше четник а Мирко Праљак, како што наведувате во вашата книга, озлогласен Ознаш и „хрватождер“.

Сидран: Не викам јас - јас го познавав чичко Мирко и целата фамилија Праљак и за нив не би можел ништо грдо да кажам - туку така се зборуваше за покојниот Мирко Праљак во западна Херцеговина, бидејќи тој беше полициски човек, човек на Озна, човек на Удба. Значи, оние партизани кои останаа во униформа - а Озна значи Одделение за заштита на народот- така и се чувствуваа, беа угледни. чесни луѓе....

Така Мирко Праљак ја работеше својата патриотска мисија гонејќи по дупките на Херцеговина преостанати усташки војници, и како таков, на грб си натовари огромна омраза од многумина преживеани кои имаа свои роднини, синови, браќа, меѓу војниците на Павелиќ.

Според тоа, детето го понесе татковиот крст, и додека оди по Мостар - тоа сега јас измислувам како писател, имам право на такви имагинации - минува плавокосиот, синоокиот Бобиша, него го викаа Слободан Бобиша Праљак, а луѓе се подбутнуваат со лакти и викаат „види го, да му ебам таткото, ист Мирко“, бидејќи го мразат неговиот татко. А дете кога расте носејќи на плеќи таков страшен товар, при своите животни определувања, бара решение. Кај Праљак се случи тоа, отфрлајќи го татковиот крст од својот грб, да преземе нешто што можеби не сакал да го преземе.

Јас не бранам ниту еден воен злосторник, како ќе бранам, па мене ми е нанесено зло кое го обесмисли мојот живот, го уништи мојот народ, ја уништи државата која веќе ја немам, народот малкуцка преживеа ама уште малку па ќе нема Бошњаци, за сто години ќе постојат луѓе кои ќе се викаат „Бошњаци по потекло“...

Ама јас верувам - а тоа многу ми го замераа - и зборувам во одбрана на Слободан Праљак. Бевме пријатели и моето познавање на неговата човечка природа се буни против каква и да е можност тој да издал команда за злосторство.

Абдулах Сидран, за Новости, 2011.

*******

Генералот Слободан Праљак, кој се самоуби испивајќи отров во хашка судница откако му беше потврдена 20 годишната затворска казна, беше најпознат по обвинувањето дека го наредил рушењето на прочуениот стар мост во Мостар, иако тој се обидуваше да докаже дека тоа не го сторил ни тој ни неговата војска (одбраната тврдеше дека мостот е срушен не со проектил туку со подметнат експлозив, по наредба на генералот на босанската војска Ариф Пашалиќ за потоа делото да им биде накалемено на ХВО).

Но, неговата кариера ни малку не е само војничка. Слободан Праљак имал три факултетски дипломи. Во 1970 година со висока оценка дипломира на загрепскиот Факултет за електротехника со теза за корекција на хроматската слика на електричниот сигнал на тв приемникот. Во 1971 година дипломира на филозофскиот факултет, отсек социологија и филозофија. Во 1972 година дипломира на Академијата за театар, филм и уметност. Работел како управител на електронски лаборатории, слободен уметник, режисер на претстави во театрите во Загреб, Осијек и Мостар, предавал социологија и филозофија. Има режирано неколку серии и тв новели, неколку документарни и еден игран филм (Враќањето на Катерина Кожул).

Последните снимени моменти на стариот мост во Мостар:

Последните снимени моменти од животот на генерал Праљак:

*****

Види и:

Зошто замолкна Смоје?

 

29 ноември 2017 - 22:36