Во Центарот на Фејсбук за бришење содржини од Фејсбук

Од 1-ви јануари во Германија почнува да важи законот со кој социјалните мрежи се одговорни ако во рок од 24 часа не отстранат говор на омраза, лажни вести и нелегален материјал од своите платформи. И тоа по 50 милиони евра одговорни за секој ваков пост.

Последица на новите правила е Центар за бришење содржини од Фејсбук кој од октомври функционира во германскиот град Есен. Во Центарот се вработени 400 луѓе кои бришат коментари, фотографии и видеа што се во спротивност со правилата на Фејсбук. Нивната статистика кажува дека најголемиот дел од содржините се говор на омраза, спам или содржини создадени од лажни профили.

Центарот и вработените официјално не се под Фејсбук, туку се на компанијата ЦЦЦ (Competence Call Center). Компанијата нуди најразлични услуги, во Германија и низ светот, а меѓу нејзините останати клиенти се Пејпал и Ибеј. Објектот во кој се сместени луѓето што бришат содржини ЦЦЦ му го изнајмува на Фејсбук.

Сите содржини што се обработуваат во Центарот се пријавени од корисници на Фејсбук. Вработените на ЦЦЦ не сурфаат за содржини што ги прекршуваат правилата на социјалната мрежа. Целото бришење до сега се правеше по основа на Фејсбук Стандардите на заедницата, а по ново ќе треба да се земат и правилата од новиот германски закон против говор на омраза и лажни вести.

За портпаролот на Фејсбук најважно нешто е да се обезбеди „осигурување на квалитет“, односно да се спречи ситуација во која пост избришан од еден вработен не бил избришан од друг. Ова го постигнуваат преку „принципот на четири очи“, кој предвидува дека иако секогаш еден вработен ја прегледува содржината, „статистички значителен број на пријави се прегледувани од втор вработен по случаен избор.“

До сега целата содржина со терористичка пропаганда, екстремни прикази на насилство или детска порнографија, што ќе стигне во Есен се препраќа на прегледување во Берлин. Исто така во Есен не се прегледуваат ниту пријавените „видеа во живо“. За ова се чека зголемување на капацитетот на центарот.

Чистењето на отпад од Фејсбук на вработените во Есен им е компензирано со 10,5 евра на час, а оние на повисоки позиции добиваат по 15 евра на час. На ова има и дополна за работење ноќна смена или во сабота. Сите вработени се со полно работно време и имаат договори на над 40 часа неделно. Заради содржината што ја прегледуваат вработените, во центарот во Есен има вработено и 4 психолози кои им стојат на располагање.

Иако нема точни бројки од конкретниот центар, летото 2017 од Фејсбук објавија дека само за еден месец се избришани повеќе од 15.000 постови заради говор на омраза кои потекнуваат од Германија.

Зукерберг неодамна објави дека планира бројот на модератори на содржини што работат на Фејсбук да го зголеми од 10.000 на 20.000 луѓе на светско ниво.

3 јануари 2018 - 09:58