Веројатно и не сте параноични дека може да ве шпионираат

Од 25 влади пријавени пред два месеци дека го имаат активирано софтверот за шпионирање на интернет комуникациите, денес бројката е порасната на 36. Погодете кој се поднови со софтверот.

 

Според извештајот од Ситизен Лаб, канадски истражувачки центар, во последните два месеца, софтверот има најголем број на нови инсталации во Европа, меѓу кои и една во Македонија.

Останатите нови "корисници" се: Австрија, Унгарија, Романија, Бугарија, Турција, Литванија, Пакистан, Нигерија, Јужна Африка и Панама.

Претходно го имаа инсталирано: САД, Канада, Мексико, Обединетото Кралство, Холандија, Германија, Естонија, Летонија, Естонија, Туркменистан, Бахреин, Катар, Брунеи, Емиратите, Монголија, Индија, Бангладеш, Виетнам, Јапонија, Малезија, Индонезија, Сингапур, и Австралија.

Софтверот изработен од ФинФишер (во сопственост на Гама Интернационал) се продава исклучително на влади. Тој ги заразува компјутерите и мобилните телефони, преку што неговиот оператор добива пристап до уредот. Меѓу методите што ги користи за влегување во вашиот систем е претставување на софтверот како Мозила Фајфокс (Мозила и официјално побара ова да престане), или криење на сомнителни .exe фајлови во слика со .jpg екстензија.

Откако фајлот ќе биде инсталиран на машината, тој се поврзува на "серверот за управување и контрола" преку кој се мониторира вашиот компјутер.

Софтверот, барем верзијата што му беше продадена на Мубарак, чини 560.000 долари. Иако целиот бизнис е дискретен, тој е сосема легален во голем број држави.

2 мај 2013 - 10:40