Твитер стана Инстаграм

Точно на време за претстојниот десант на слики од снег и кондури во снег, Твитер ги пушти своите "инстаграм" филтри за фотографии.

Откако пред викендот се објави дека Инстаграм му раскинува на Твитер (ништо страшно, само сликите од Инстаграм нема да можете да ги гледате како медиа во тајмлајн-от на Твитер, туку ќе треба да кликнете линк), денес сервисот за микро-блогирање објави своја верзија на филтри за фотографии.

Додека Инстаграм има 20 филтри (вчера го додадоа најновиот - Willow), апликацијата на Твитер има само 8. Во апликацијата се нуди и опција за сечење на фотографијата и промена на димензиите (опции кои исто така беа додадени во најновиот апдејт на Инстаграм).

Сега за сега апдејтот со филтрите е достапен само за Андроид. Филтрите за фотографии се дело на компанијата Aviary (која соработува со Фликр, Имгур и Јаху Меил, а има и свој бесплатен он-лајн сервис за уредување на фотографии) и од таму објаснуваат дека тие се направени ексклузивно само за Твитер.

Една од предностите што ја имаат филтрите на Твитер е што дозволуваат фотографијата да биде во каков било размер, за разлика од Инстаграм каде сите фотки мора да бидат коцка.

За да си играте со филтрите, одите на нов твит, таму кликате на иконата за фото, фотографирате и потоа следува изборот на филтри.

11 декември 2012 - 10:45