Сè знаат, ама изгледа џабе

Секој што користи торент за симнување на филмови и музика, е мониториран и тоа во рок од најмногу 3 часа, тврди едно истражување од Универзитетот во Бирмингем.

Добро / лошиот дел е што 3-годишното истражување покажало дека мониторирањето не прави разлика дали сте симнале 700 гига филмови за еден месец или 1 музички албум.

"Не мора масовно да симнувате торенти за да биде заведени. И тој што ќе симне еден филм ќе биде забележан. Ако содржината била во топ 100, таа почнува да се следи за неколку часа. Некој ќе ве забележи и ќе бидете запишани," објаснува доктор Том Хотиа, кој го предводел истражувањето.

Во истражувањето (направено е за британскиот пазар) се идентификувани 10 различни компании што го мониторираат користењето на торент.

Една од олеснителните околности околу целата работа што ја објаснува др. Хотиа е дека целото мониторирање нема да помогне на суд.

"Сите компании што се следени за време на студијата, само се закачуваа за луѓето што користат торент и потврдуваа дека тие имаат битторент софтвер, ама не ги собираа фајловите кои беа споделувани. Прашање е дали тие имаат некој доказ за споделување фајлови што би можел да држи на суд," објаснува др. Хотиа.

Во претходните случаи, адвокатите се сомневаа дали доказите собрани од ИП адресите можат да бидат користени на суд, бидејќи овие адреси ја утврдуваат интернет конекцијата која се користи за даунлодирање, а не некоја конкретна личност.

4 септември 2012 - 18:15