Алвалид бин Талал бин Абдулазис Ал-Сауд вчера се надоврза на еден твит од Илон Маск од 14 април, и напиша „одлично е што можам да се поврзам со мојот ’нов’ пријател Илон Маск“, порачувајќи дека тој и неговата компанија (Кингдом холдинг) сакаат да му се придружат на Илон со својот удел во Твитер од 1,9 милијарди долари.
Минатиот месец откако Илон објави дека сака да го купува Твитер, со понуда од 54,20 долари по акција (поскапо отколку што беше цената на берза), Бин Талал на Твитер напиша дека сумата „не е ни блиску до вродената вредност на Твитер имајќи ја предвид неговата перспектива за раст.“
Кратко по ова Илон на твитот одговори со прашање колкав дел од Твитер поседуваат Саудијците директно и индиректно и „кои се ставовите на Кралството кон новинарската слобода на говор“.
За сега не е јасно што го натерало принцот Алвалид бин Талал да го промени своето мислење околу Илон. Неговата компанија има удел во голем број големи бизниси вклучително Фор сизонс хотелите, Убер, Лифт и Ситигруп.
Принцот бин Талал, еден од најбогатите луѓе во Саудиска Арабија и светот, во ноември 2017 беше уапсен од својот роднина и престолонаследник, принцот Мухамед бин Салман, како дел од операцијата против корупција. Бин Талал е ослободен речиси 3 месеци подоцна кон крајот на јануари 2018. Во тоа време Вол стрит журнал објави дека Бин Талал платил 6 милијарди долари за своето ослободување.