Повеќе не е Фејсбук, туку е ФЕЈСБУК, и веќе не е сино со бели букви, туку бела позадина со букви чија боја се прелева од жолта накај црвена и завршува на виолетова.
Ваквото „чувство на оптимизам“ Фејсбук го влева во време кога е под анти-монополска истрага, неговиот основач и директорите ги сослушуваат во американскиот Конгрес, а во јавноста е обвинет за сечии маки од американски со Трамп, до муслимански со режимот во Мијанмар.
„Фејсбук е социјалната мрежа што ја мразиш; ФЕЈСБУК е компанијата што не знаеш дека ја сакаш,“ пишува Метју Кантор во Гардијан.
Зошто капс-лок име? Според објаснувањето на блогот на компанијата, новото лого е дизајнирано имајќи на ум „бистрина и отвореност“ со „хармонизирани големи букви“.
Како што ќе забележи Кантор: „Сепак што е ФЕЈСБУК ако не место за отвореност и хармонија?“
За називот на компанијата се избрани „динамични“ бои, кои компанијата ги нарекува „емпатична колор палета“, а згора на тоа заоблувањето на ќошевите на фонтот „оддава чувство на оптимизам“.
Како што ќе забележат и други коментатори на темата, пример Алисон Шумејкер од АВ Клуб, „дури и логото да беше преполнето со еднорози, тоа немаше да го спаси имиџот на компанијата“.
Инаку, во време додека се крчка промената на логото се размислувало и на промена на името на компанијата, нешто во стилот на она што го направи Гугл со Алфабет, односно да останат постојните брендови (Фејсбук, Инстаграм, Вотсап...) а над нив да биде компанија со друго име. Ова, за сега, било одбиено.