Изминативе недели на Порнхаб му се смени комплетниот начин на работа, откако по години функционирање како централа за трупање порно од најсомнителни извори еден текст во Њујорк тајмс крена доволно галама за Мастеркард и Виза да се заканат дека ќе прекинат да соработуваат со сајтот и дека нема да примаат трансакции поврзани со него.
Во текстот станува збор за животот на деца жртви на сексуална злоупотреба чии видеа се објавени, активно вртат и Порнхаб прави пари од тоа. По ова реагираат Мастеркард и Виза, за веднаш по нив да се огласи и Порнхаб, кој по повеќе од една деценија овозможување на неконтролирано аплоудирање клипови со речиси секаква можна порно содржина, реши да воведе нови правила и да дозволи видеа да аплоудираат само корисници кои ја минале верификацијата на сајтот.
Новите правила значеа инстантно отстранување на над 9 милиони видеа што се наоѓаат на Порнхаб, а главен критериум е дали тие се аплоудирани од регистриран и верификуван член.
„Како дел од нашата политика за банирање на неверификувани корисници, ние исто така ја суспендиравме целата претходна содржина што не доаѓа од нашите контент партнери или членови на модел програмата,“ се наведува во соопштението од Порнхаб.
Порнхаб е само еден од сајтовите во сопственост на конгломератот, Мајндгик и не е јасно дали чистката на неверификуван материјал ќе биде спроведена и на другите негови сајтови како Јупорн и Редтјуб.
По првичната чистка, Порнхаб почна да враќа дел од содржините чие потекло е расчистено.