Иако присутноста во американските избори за сега ќе ја мине без судење, основата по која Атлантик разгледува дали би можела да се протне некоја масовна казна против Фејсбук е судирот во Мијанмар и прогонот на Рохинга муслиманското малцинство во земјата. Во случајот, социјалната мрежа е обвинета за цензурирање на активисти и новинари кои документираат и објавуваат случки од „она што Стејт департманот го нарекува етничко чистење во земјата.“ Овие постапки имаат посебна тежина во Мијанмар, затоа што Фејсбук во земјата „служи како де-факто интернет.“
Како што и' станува јасно по разговорите со адвокати за човекови права додека го подготвува текстот, авторката Ингрид Бурингтон, објаснува дека е малку веројатно дека Фејсбук би можел да се смета правно должен да одговара за својата улога во прекршувањето на човековите права низ светот. Причина за ова е комбинација од „ состојбата на законите околу човековите права, кои имаат слаб резултат во однос на корпорациите, што само е уникатно ограничено и искомплицирано посебно од технолошките платформи.“
„Да се претпостави дека некој може да бара правна одговорност од компанија заради прекршувања на човекови права, исто така треба да се претпостави и дека постои суд пред кој може да биде изложен случајот.
Меѓународниот суд на правдата не е замислен да може да суди компании па дури и да може, тој не ги опфаќа САД бидејќи тие не се потписнички на Римскиот договор врз кој се базира неговото основање и работа. Судот технички може да започнува судења во име на своите земји членки, ама па и Мијанмар не е земја членка.
Поднесување на тужба во земја во која се случува злоупотреба на човековите права е тешко, бидејќи судскиот систем под контрола на режимот е малку веројатно дека ќе дозволи фер судење.
Во САД, странци можат да поднесат тужба против американски компании, ама законот што тоа го дозволува не е баш во нивна корист, бидејќи не се однесува на постапките на компанијата направени вон Соединетите држави,“ пишува Бурингтон.
Дури и покрај сето ова случајот некако да се протне во суд, крајно е проблематично да се идентификува каков криминал направил Фејсбук, затоа што, прво, не може да биде виновен за тоа што не реагирал превентивно, ниту пак злосторствата во Мијанмар почнуваат заради Фејсбук. Веројатно најважно е што Фејсбук не е одговорен за содржината што се објавува на неговиот сајт, „исто како што операторот на машините за печатење не беше осуден на смрт во Нирнберг, туку беа осудени уредниците.“
Аргументот со печатницата е малку нестабилен затоа што графичарот не е одговорен за дистрибуција, промовирање, управување и надзор на вестите што се одговараат, како што е случајот со Фејсбук и неговите алгоритми задолжени за сето ова. Без разлика што избирањето и таргетирањето на вестите го прават алгоритми, аргументот е дека „тоа сепак е избирање и таргетирање.“
„А во случајов избирањето вести од страна на Фејсбук (или неправењето на истото) им дава поголема платформа и кредибилитет на дезинформациите и пропагандата која проповеда етничко чистење. А во случајот со тргањето на непријатните содржини во кои се документирани злосторствата против Рохинга, одлуката за тие да не се објават и толкувањето на правилата за објавување, се постапки кои надминуваат само пасивно објавување содржини,“ објаснува Бурингтон.
Друга основа по која може да се гони Фејсбук, или која било слично масовна платформа, е „соучесништво,“ што во меѓународното право обично опфаќа бирократи „кои само следеле наредби на режимот.“ За ова е потребен доказ дека обвинетиот свесно помагал и поттикнувал злоупотреба, „и правејќи го тоа активно го очекувал исходот или имал материјален бенефит од истото.“
Токму оваа основа е дел од неодамнешни тужби на жртвите на терористички напади или нивните семејства против интернет платформи. Во нив се тврди дека иако компаниите не се одговорни за постењето на терористички содржини на нивните платформи, тие треба да одговараат за профитирање од промоцијата на овие содржини на нивните платформи. Аргументот е дека заштитата од одговорност за содржините не важи за автоматизираните реклами.
Ако му треба утеха на Фејсбук, тоа е дека историски дури ни доказ за соучесништво не мора да значи каква било казна. На пример ИБМ е обвинет дека за време на Втората светска војна на нацистичките логори им испорачува технологија за водење евиденција на пристигнати и елиминирани Евреи во логорите, што ја поставува основата за спроведување на „Конечното решение“ во пракса. Системот на ИБМ служи и за евиденција при нумерирање на Евреите со тетоважи. ИБМ никогаш не одговара за ова, иако не го негираат настанот, нивниот став е дека соработката ја извеле европските филијали на компанијата без знаење на централата во Њујорк.