Русите ќе се вакцинираат против рак

Од творците на Спутник V, првата вакцина против ковид во светот, доаѓа ново револуционерно откритие – вакцина против меланома. Во експерименталната фаза првите пациенти ќе ја примат веќе во септември. Ја користи технологијата мРНК и специјално ќе биде прилагодена за потребите на секој пациент, врз основа на генетскиот профил на туморот. Една доза чини околу 2.800 долари.

Александар Гинцбург, директорот на Истражувачкиот институт за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, објаснува дека револуционерната вакцина за рак е дизајнирана да ги таргетира малигните тумори користејќи ги сопствените генетски податоци на пациентот и нема да може да се користи за друго лице.

Целиот процес на производство - од анализа на туморот до создавање прилагодена вакцина - може да се заврши за околу една недела со помош од вештачка интелигенција.

Во експерименталната фаза, веќе во септември или октомври, тестирањето ќе биде фокусирано на одреден вид рак, изјави Гинцбург за РИА Новости. Институтот Гамалеја е одговорен за производство на вакцината, а испитувањата на пациентите ќе ги спроведуваат две водечки онколошки институции - Истражувачкиот институт Херцен и Центарот за рак „Блохин“ во Москва.

Во согласност со планот одобрен од Министерството за здравство, се подготвуваме да почнеме експериментален третман со употреба на вакцината против рак базирана на неоантигени кај група пациенти со меланом, вели Гинцбург.

Развојот на вакцината почна во средината на 2022 година. Третманот функционира така што вакцината го тренира имунолошкиот систем на пациентот да препознава протеини (антигени) специфични за туморот и да уништува малигни клетки низ целото тело користејќи цитотоксични лимфоцити. Поради индивидуализираната природа, вакцината против рак е одобрена со посебна регулаторна рамка усвоена од руската влада.

Министерство за здравство проценува дека во Русија има околу 4,16 милиони пациенти со рак, со приближно 625.000 нови случаи годишно.  Андреј Каприн, раководител на Националниот медицински истражувачки радиолошки центар на руското Министерство за здравство, објави дека една доза од вакцината чини 300.000 рубли, што е еквивалентно на приближно 2.869 долари. Владата најави дека ќе ги покрие трошоците за пациентите.

Веќе има интерес од странство. Гамалеја добила десетици писма со барања за соработка од медицински институции.

Центарот Гамалеја, кој ја создаде првата регистрирана вакцина против ковид-19 во светот, Спутник V, развива модели за лекување на разни онколошки заболувања, вклучувајќи рак на панкреас, бубрег и неситноклеточен рак на белите дробови - најчесто дијагностициран рак со највисока стапка на смртност и тежок за лекување.

Слични вакцини за рак базирани на мРНК техологија се испитуваат и во САД и во Британија, но се чини Русите ќе победат и во оваа трка, исто како и за ковид.

******
Види и: Путин најавува вакцина за рак

4 август 2025 - 11:47