Создаден вештачки мозок со 2 милијарди неврони

Кинески истражувачи претставија суперкомпјутер од нова генерација, со архитектура слична на човековиот мозок. Вуконг, или „Мајмунот на Дарвин“, содржи милијарди вештачки неврони, кои создаваат стотици милијарди синапси. Капацитетот може да му се спореди со мозок на макаки. Способен е за најсложени пресметки и управување модели со ВИ, а притоа троши 100 пати помалку струја.

Кинескиот невроморфен компјутер не е прв од тој тип во светот, но има двојно поголем капацитет од досега најмоќниот – Хала поинт што лани го претстави американскиот гигант Интел. 

Развиен е во Државната лабораторија за машински мозоци на универзитетот Џеџијанг. Опремен е со 960 невроморфни чипови Дарвин 3, кои заедно имаат повеќе од 2 милијарди вештачки неврони способни да создадат над 100 милијарди меѓусебни врски аналогни на синапси. За споредба, Хала поинт на Интел има 1,15 милијарда неврони.

Архитектурата инспирирана од мозокот го прави многу поефикасен од вообичаените суперкомпјутери со стандардни чипови. За пресметување ги применува принципите на работа на биолошките невронски мрежи, со висок степен на паралелна размена на сигнали. 

Бројот на неврони е далеку помал од човечкиот мозок, но креаторите го споредуваат Вуконг со мозок на макаките. Способен е да решава класични компјутерски задачи - генерира јазични содржини, расудува логички и решава математички проблеми. 

Основа на компјутерот е Дарвин 3 од третата генерација невроморфни чипови. Секој чип содржи 2,35 милиони вештачки неврони што меѓусебно создаваат стотици милиони синапси. Ефикасноста му е зајакната со уникатен оперативен систем, кој поддржува големи јазични модели со вештачка интелигенција, како DeepSeek.

Пан Ганг, директор на истражувачката лабораторија и водач на проектот, тврди дека Вуконг може да постави основа и за развој на понапредна вештачка интелигенција, но и да симулира реален мозок, заради невронаучни истражувања – со други зборови, да послужи како модел за подобро изучување на човечкиот мозок без да се експериментира на луѓе.

Невроморфните системи лани привлекле инвестиции од 6,48 милијарди долари, што е малку во споредба со парите што се вложуваат во развојот на големите модели со ВИ. Но, имајќи ја предвид енергетската ефикасност на овие системи, кои трошат 2.000 вати струја - сто пати помалку од стандардните, се очекуваат поголеми инвестиции. Огромните центри за податоци за моделите со ВИ веќе ја преоптоваруваат енергетската мрежа, а се предвидува дека нивниот капацитет двојно ќе се зголеми во 2026 година.

Со понатамошен развој на невроморфните системи би можела да се достигне и екстремната штедливост на човечкиот мозок, кој сè уште е ненадминат во расудување, а притоа троши само 20 вати.

4 август 2025 - 14:24