На почетокот од 2000-те кога светот се уште се воодушевува од слободата што ја дава интернетот и неговиот демократски потенцијал, американскиот правен експерт Кас Сунстејн предупредува дека иако тој може да ни помогне да ги надминеме социјалните и географските бариери меѓу луѓето, подеднакво е можно и дека тој ќе создаде нови ѕидови и поделба меѓу луѓето.
„Иако милиони луѓе го користат интернетот за да ги прошират своите хоризонти, голем број луѓе го прават токму спротивното, создаваат ’дневно јас’ кое е скроено според нивните лични интереси и предрасуди.
Тие, како последица на ова, ќе живеат во еко комори, и ќе доведат до поголема поларизација во политиката на земјата,“ пишува Сунстејн во 2001.
Подоцна мислењето на Сунстејн е прифатено од добар дел од експерти (и не толку експерти на темата), а и самата работа на социјалните мрежи почнува да го копира неговото сценарио, па на пример Фејсбук и Твитер гледајќи дека повеќе кликате на левичарски или десничарски содржини, почнува таквите содржини и повеќе да ви ги прикажува.
Елизабет Дубоа од Универзитетот во Отава објаснува дека ова се прави затоа што има премногу информации и затоа што нема начин како еден човек да ги консумира сите.
„И ова е крајно корисна алатка, ама не значи дека на крај ќе завршиш во балон базиран на тоа што платформа или компанија одлучила дека најмногу ти одговара на тебе и твоите потреби,“ порачува Дубоа.
Дилемата на Би-би-си е дали тоа што денес еко коморите и балоните се сметаат за вистина, значи дека тоа е стварно така, или во позадина има „посуптилна динамика“.
Иако нема сомнеж дека содржините што ги читаш го оформуваат твоето мислење (политичко и друго), се повеќе студии се со став дека се претерало со нагласување на улогата и влијанието на еко коморите.
Истражување од Оксфорд, во кое учествуваат 50.000 луѓе, покажува дека луѓето кои читале пополаризирани извори, во исто време било поверојатно да посетуваат сајтови со спротивни гледишта од нивните. Севкупно, „медиумската диета била разнолика.“
„Звучи контра-интуитивно, ама директното сурфање обично се состои од еден или два сајта што редовно ги читаш, додека по својата природа, социјалните мрежи те изложуваат на голем број други извори, зголемувајќи ја разноликоста,“ објаснува раководителот на студијата, Сет Флаксман.
Иако како мана на студијата на Флаксман може да и се најде тоа дека е од 2013, нејзините заклучоци се потврдени од истражување на Пју од 2016, во кое мнозинството луѓе пријавило широк опсег на мислења на нивните социјални медиуми.
До вакви резултати доаѓа и Дубоа, во чија студија само 8% од испитаниците имаат „низок резултат за медиумска разноликост“, што иако е загрижувачки бројка сепак е далеку пониска од она што најголемиот број аналитичари претпоставуваат.
За пресврт во целата работа Би-би-си наведува истражување од Дјук Универзитетот, чиј краен заклучок е дека читањето повеќе разнолики новински извори доведува до поголема, а не до помала политичка поларизација.
Едно од психолошките објаснувањата за ова е „мотивираното резонирање“, односно дека ние сме толку приврзани за нашиот политички идентитет што ќе посветиме вонредни ресурси во отфрлање на сите докази спротивни на нашето гледиште, за на крај да завршиме уште поуверени во нашите убедувања.
Друго објаснување за тврдоглавоста наспроти разноликоста на информации се води како „само-лиценцирање“ - несвесното верување дека откако еднаш сме покажале слободоумност, сме го заслужиле правото подоцна да имаме повеќе предрасуди.