Иако е точно дека на Фејсбук има луѓе што се расисти, ксенофоби, анти-семити, исламофоби и општо нацисти, и кои ја користат социјалната мрежа за ширење на својата пропаганда, прашањето на професорот по Ирански студии на универзитетот Колумбија, Хамид Дабаши, е: Но, само толку ли има да се каже за Фејсбук?
„Дали, можеби ненамерно, Фејсбук исто така им даде глас на сите оние што се оставени на немилоста на државата и на корпоративната пропаганда, да возвратат, да наметнат алтернативни наративи на оние претставени од, да речеме, Би-би-си или Њујорк тајмс?
Би се осудил да кажам дека тие медиумски организации се, ако не најголемите, тогаш сигурно водечки пропагандни машинерии кои ги поддржуваат доселеничките колонии за чие креирање и одржување се најодговорни Британија и САД. Тие го имаат монополот со децении - одлучувајќи и утврдувајќи ги условите за дебата околу израелската колонизација на Палестина.
Фејсбук и останатите социјални мрежи, со сите постојни проблеми, нудат место за отпор кон нивната хегемонија.
За сите нас кои сме доволно стари за да го памтиме начинот на медиумско покривање на вестите пред појавата на интернетот, забелешките на Барон Коен се прилично смешни.
Се уште јасно се сеќавам кога избувна Иранската револуција. Тогаш како студент на Универзитетот Пенсилванија, бев очаен што сум оставен на милоста на Њујорк тајмс, Вашингтон пост, и која и да е по трите големи американски мрежи (Еј-би-си, Си-би-ес или Ен-би-си) - или посебно на Радио Би-би-си - да ми раскажат што се случува во Иран.
Се сеќавам како одев да купам радио со кратки бранови за да можам да го слушам Радио Техеран, и да дознаам што се случува во мојата татковина. Ова не значи дека Радио Техеран ја кажува вистината а Њујорк тајмс шири лаги. Ова само значи дека на сите нас ни треба повеќе од еден доминантен и хегемон извор на вести за да можеме да донесеме одлука.
Напишани се книги за тоа како Њујорк тајмс и другите корпоративни медиуми ги помогнаа државните пропагандни машинерии. На пример: „Manufacturing Consent: The Political Economy of the Mass Media“ или „The Record of the Paper: How the New York Times Misreports US Foreign Policy“. И двете документираат како монополот врз информациите, без разлика дали државен или корпоративен, помага во оправдувањето пред јавноста на огромните злосторства и како истата намерно ја држи игнорантна кон вистината,“ пишува Дабаши во текстот за Ал Џезира.
Давајќи ја како пример палестинската борба против Израел, Дабаши наведува како појавата на интернетот им дава можност на палестинските гласови да се спротивстават на дотогаш „поставениот курс на израелската пропаганда.“ Петнаесетина години подоцна, кога почнуваат да се појавуваат социјалните мрежи, се отвора поголем простор за дискутирање на палестинската кауза, поврзување на палестинската дијаспора и странските симпатизери со Палестинците и Палестина.
„Постои голем расизам, анти-семитизам, исламофобија, хомофобија итн и социјалните мрежи можат да бидат расадот за вакви зли идеи. Меѓутоа ние мора во истиот здив да бидеме еднакви и идентични во нашите критики кон сите овие тероризирачки форми на расизам. Не може да сме само против една, а другите да ни бидат прифатливи.
Интернетот е благослов и клетва. Меѓутоа го направи светот побалансиран терен за спротивставување и ставање на крај на злоупотребата на моќта,“ порачува Дабаши.