Американски федерален судија реши да го казни интернет-провајдерот Кокс Комуникации со мрсни 25 милиони долари, кои ќе легнат на сметката на компанијата за музички права БМГ.
Вториве ги користеле услугите на фирмата Рајтскорп, која мониторирала нелегални симнувања на нивни заштитени материјали, оваа го информирала провајдерот за тоа, а овој, според судијата, не сторил доволно за да го спречи тоа. И ете ти казна.
А Рајтскорп испратила вкупно 1,8 милиони такви поплаки, истовремено нудејќи им на осомничените корисници да го средат правниот проблем плаќајќи им 20 до 30 долари. Според провајдерот, ова било класично рекетирање на корисници бидејќи самата поплака не значи и дека е докажано нечие дело. Па не ги ни проследувала поплаките до своите корисници.
„Дури и провајдерот да не го сторил тоа што се очекувало од него да го направи, тоа не значи дека е виновен за однесувањето на други“, сметаат правници што се занимаваат со правата на потрошувачите.
Тие се загрижени за што сè еден провајдер може да биде обвинет и осуден, а не е само кршење на копирајт. Во крајна линија тоа ќе води до поголем мониторинг и контрола на индивидуалните корисници, со што се навлегува во нивната слобода.