Империјата Тејсти и нејзиниот поход на интернетот

Само во јуни видеата со рецепти и храна на Базфид под брендот Тејсти се прегледани 1,1 милијарда пати, а во одредени месеци публиката знае да префрли и над 3 милијарди прегледувања.

Видеото за слајдери (оние малите што личат како расад за сендвичи) за една година е прегледано 194 милиони пати само на Фејсбук. Рецептот за "чизбургер прстени од кромид" за ист временски интервал е прегледано 167 милиони пати.

Самиот концепт на набљудување раце без тело како подготвуваат храна, гастрономско издание на ПОВ видеото, според одредени мерки стана една од најпопуларните содржини на интернет која заостанува само зад музичките видеа и порнографијата.

Точното потекло на овој концепт не е позната, само се знае дека форматот е рафиниран, професионализиран и наплатен токму од Базфид, посебно преку неговиот бренд Тејсти, кој го претвори видеото со храна од птичја перспектива во бизнис кој бележи хипер-развој.

Тејсти успева да стигне до овие бројки и покрај тоа што е старо само 2 години. Најголемиот дел од парите проектот ги прави од спонзорираните видеа што ги изработуваат за брендови, а притоа е и најбрзорастечки извор на приходи за Базфид.

Во Базфид овој формат на видеа го почнува тимот од Њујорк, а крајниот производ е резултат на вмешување на Базфид тимот од Лос Анџелес.

Новинарот на Њујорк тајмс од прошетката низ студиото на Тејсти објаснува дека тоа е долг затемнет ходник со 5-6 работни станици, од кои секоја е опремена со камери и осветлување.

Главни во снимањето се продуцентите на видеото, кои се задолжени за создавање на секој негов дел: од составување на рецептот до снимање и уредување. Во просек на еден продуцент му треба една недела за да сними едно или две видеа од 90 секунди. Инспирацијата за видеата доаѓа од најразлични извори, од рецепти што се моментално популарни на интернет, до барања или коментари на публиката и статистика од тоа што до сега имало голема гледаност.

Токму "минатите успеси" се еден од главните фактори кои влијаат во создавањето на нови рецепти, па затоа и има толку многу видеа со кашкавал, стек, сланина и паста.

"Тегнењето кашкавал и полутечно чоколадо се многу мерак за гледање, и тие кадри те тераат на глас да издишеш од што изгледаат добро. Се обидуваме да ги  создадеме тие моменти во секое видео, без разлика дали е некоја привлечна состојка како кашкавал, забавен начин да се искористи храната останата од вчера, или готвење на начин кој до сега го немате видено," објаснува главниот готвач на Тејсти, Клер Кинг.

Базфид годинава планира да ја прошири продажбата на физички производи под брендот Тејсти. По успехот на Тејсти книгата со рецепти што сам можеш да ја составуваш, сега во план им е "Тејсти уан топ", индукциското решо поврзано со апликација кое може да врши најразлични готвачки задачи. Меѓу другото, една од намените на Тејсти апликацијата која наскоро треба да биде објавена е на чекори да го подели рецептот што го гледате на видео, па наместо постојано премотување на Јутјуб, целиот процес е достапен во фази.

"Тејсти функционира како микс меѓу лабораторија за истражување и развој и хипер-ефикасна фабрика за уреди. Создава содржини според лабава формула, меѓутоа се подготвени да ја прошират формулата кога ќе откријат нешто што функционира. Тогаш стискаат на гас: ја испорачуваат формулата на нивните спонзори, или ја претвораат во книги и уреди кои ги продаваат за вистински пари," пишува Фарад Манџо во текстот за Њујорк тајмс.

28 јули 2017 - 13:01