Дата-научникот Софи Жанг која е отпуштена од Фејсбук на почетокот од септември, интерно го објавува меморандумот на последниот ден на работа. Во меморандумот стои и дека таа го изгубила пакетот за отпуштање од 64.000 долари бидејќи одбила да потпише дека нема јавно да зборува за компанијата.
Жанг тврди дека е отпуштена откако своите забелешки им ги пренесува на високиот менаџмент, по што и е кажано да престане да се занимава со теми кои се над нејзините работни задачи. Нејзини работни задачи се анализирање на платформата за да се идентификува „координирано неавтентично однесување“, односно - бот мрежи.
„Во трите години што ги минав во Фејсбук, открив бројни очигледни обиди од странски влади да ја злоупотребат нашата платформа за масовно залажување на своите граѓани, и тоа се примери кои во повеќе наврати станаа меѓународни вести.
Сега знам дека рацете ми се крвави,“ пишува Жанг.
Како примери за ова таа ги наведува Украина и Индија каде со систематски кампањи успешно е изменето јавното мислење.
Објаснувајќи ја моќта што ја имаа Фејсбук, па дури и вработените од средно ниво (а не па Закерберг), Жанг пишува:
„Јас лично носев одлуки кои влијаеа на претседатели низ светот без никаков надзор од некого, и преземав постапки за модерирање на толку многу познати политичари низ светот што веќе не им памтам ни број.“
Таа објаснува и дека Фејсбук е главно фокусиран на САД и Европа (ЕУ), па огромен број на случаи на манипулација во остатокот од светот минуваат неказнети, бидејќи никој не може да одвои време за да ги спроведува правилата на компанијата низ овие делови на планетава.
Жанг нагласува дека Фејсбук не го прави ова од злонамерност, туку едноставно не успева да посвети доволно внимание и ресурси на проблемот и најмногу се грижи за ПиАр проблеми околу која било тема, и тоа се главните пожари кои најитно се обидува да ги изгаси.