Комисијата никогаш не го објавува целосниот опсег на нивната истрага ниту пак ги објаснува причините зошто дозволува таквото однесување на Гугл да продолжи. Затоа Политико деновиве објавува протечени 312 страници доверливи документи кои го прикажуваат мислењето на економските експерти и правниците на ФТЦ (Федерална комисија за трговија) во тоа време околу позицијата Гугл.
Документите покажуваат дека во клучен момент кога регулаторите од Вашингтон имале шанса да спречат неколку илјадници милијарди долари вредни корпорации да доминираат со се поголем дел од американската економија „погрешно ги прочитале доказите што биле пред нив и оставиле најголем дел од дигиталната иднина во рацете на Гугл.“
Пред речиси една деценија истрагата на ФТЦ открива докази за тоа до каде е Гугл подготвен да оди за да го осигура приматот на својот пребарувач кој е клуч на неговото богатство. Во овие докази биле и постапки кои европските регулатори и американското министерство за правда подоцна ги обележуваат како монополско однесување.
„Меѓутоа економистите на ФТЦ успешно застанаа против тужење на компанијата, а експерти од агенцијата направија серија предвидувања околу иднината на он-лајн светот, кои се покажаа како неточни,“ пишува Леа Најлен во текстот за Политико.
Во тоа време, 2012-13, експертите на ФТЦ предвидуваат дека:
- Корисниците и понатаму ќе продолжат да се потпираат на десктоп компјутери за пребарување на интернетот. Денес, 62% од пребарувањата се на мобилни и таблет уреди.
- Ривали како Микрософт, Мозила и Амазон ќе успеат да извадат оперативен систем за смартфони кој ќе биде вистински конкурентен на Андроид на Гугл. Денес речиси секој еден телефон е на Андроид или Иос на Епл.
„Одлуката на ФТЦ за ослободување на Гугл отсликува ера во која администрацијата на Обама има блиски врски со Силициумската долина, а американците имаат главно позитивен став кон растечките технолошки гиганти,“ пишува Најлен.