Фејсбук не ни почнал да користи сè што знае за вас

Кога Закерберг вели дека главен приоритет на Фејсбук е "да го разбере светот," зад тоа не стојат некои длабоки духовни или филозофски побуди, туку сака да каже дека допрва ќе почнат да ги анализираат корисниците на начин на кој до сега не сте ни помислиле.

Благодарејќи на вештачката интелигенција, која во основа е она на што Закерберг го мисли кога кажува "разбирање," Фејсбук наскоро не само што ќе сфаќа што правите на социјалната мрежа, туку и што сакате да кажете со тоа. Со други зборови Фејсбук ќе почне да го чита меѓу редови вашето однесување на мрежата.

Поривот зад ваквата желба на Фејсбук има чисто бизнис основа, како дел од нивната намера да доминираат со интернетот и да им понудат повеќе информации на огласувачите отколку Гугл и останатата конкуренција.

Се до минатата година Фејсбук во основа беше една џиновска фиока во која се сместуваа слики, сеќавања, потсетници и пријатели. Од тогаш до денес компанијата агресивно работи на спастрување на фиоката, па за овој период АИ тимот на Фејсбук направи 1200 милијарди коментари и статуси да можат да се пребаруваат.

Во основа како што Сири (на Епл) знае да одговори на прашањето "дали ми треба чадор" така Фејсбук сака да може (на пример) да одговори што некој ваш пријател коментирал за Игра на троновите, без во коментарот да ја спомене серијата, или ако барате некоја препорака за ресторан, тој да знае дека некој ваш пријател коментирал за одреден ресторан без да го спомене неговото име.

6 ноември 2013 - 16:57