Промената следува неколку месеци откако се дозна дека "трендинг" вестите на Фејсбук биле модерирани од луѓе. Решението беше да се елиминира тимот уредници и целата работа да му се остави на алгоритам. Во блог пост Фејсбук објасни дека одлуката да се исклучат луѓето ќе дозволи модулот на функционира на многу поголем обем.
Гардијан пренесува дека трендинг тимот бил отпуштен без претходна најава, а на состанокот присуствувал и човек од обезбедување. Отпуштените добиле плата за 4 недели. Во мај кога беше објавено дека Фејсбук има посебен тим што ја модерира работата на алгоритамот за трендинг вести, инстантно се раширија обвинувања за пристрасност на социјалната мрежа.
Додека имаше човечко мешање во работата на алгоритамот, уредниците имаа список на сајтови на кои им веруваат, како еден од условите за појавување на одредена вест во трендинг делот. Тие исто така рачно ги филтрираа и потенцијално навредливите и несоодветни текстови.
Дел од долгорочниот план на Фејсбук беше алгоритамот да учи од работата на членовите на трендинг тимот, и како тие ги носат своите одлуки, "бидејќи од секогаш било замислено да се постигне полна автоматизација на модулот."