Мајкрософт во 2007-ма купи Фејсбук акции за 240 милиони долари. Тогаш Фејсбук беше проценет на 15 милијарди, денес на преку 200 милијарди долари, што го прави овој потег најдобрата инвестиција што некогаш ја направил Стив Балмер како ЦЕО на Мајкрософт.
Во 2012-та, Мајкрософт продаде дел од својот удел но сè уште држи вредно парче. Па сепак, Фејсбук објави дека веќе нема да ги користи пребарувачките резултати на мајкрософтовиот Бинг. Ова дополнително ќе го намали пазарниот удел на Бинг кој е урнисан по несреќниот редизајн на MSN, дифолтниот хоумпејџ на околу 400 милиони нови корисници на компјутер секоја година.
Двете компании почнаа да се разидуваат пред неколку години. Мајкрософт требаше да биде ексклузивен партнер за продажба на онлајн реклами но идејата се изјалови откако се испостави дека нивната 6,3 милијарди долари вредна купуванка за оваа намена, aQuantive, е практично непотреблива.
Но, се чини дека откако на чело на Мајкрософт е Сатја Надела, компанијата сè повеќе се оддалечува од својот децениски сон за голем удел во онлајн рекламирањето. Не постои официјална потврда на ваквото менување на стратегијата но сигнификантен беше потегот да се отпушти поголем дел од тимот за глобална авдертајзинг продажба .