Да не си стегате душа на Твитер и Фејсбук за политика

На Твитер нема доволно место да кажеш што сакаш, на Фејсбук е многу веројатно дека пријателите ќе почнат да те откачуваат ако фатиш да ги труеш со политика. Ова пак создава проблем и кога си офлајн.

Стручно, ова заедно се вика тенденција за молчење за политички прашања, Пју институтот ова го крсти "спирала на молчење."

"Растот на социјалните медиуми, како Фејсбук и Твитер, отвори нови простори на кои може да се одвива политичката дискусија и дебата. Овој извештај истражува до кој степен социјалните медиуми влијаат на одамна воспоставената човечка карактеристика - дека оние кои сметаат дека имаат малцинско мислење најчесто се само-цензурираат, и не проговоруваат од страв од остракизам и исмевање. Ова се нарекува 'спирала на молчење,'" се објаснува во новата студија на Пју на тема однесување на интернет.

За студијата било следено однесувањето на корисниците околу случајот на Едвард Сноуден. Тогаш 42% од Твитер и Фејсбук корисниците изјавиле сакаат да напишат статус на темата, додека цели 86% би биле среќни во живо да дискутираат околу темата.

 

Спореден (а важен) заклучок од ова е што се покажало дека е поверојатно луѓето да зборуваат за нешто ако сметаат дека и другите ќе се согласуваат со нив, "заради ова, ако никој не објавува содржини на социјалните медиуми, тогаш и оние кои размислуваат за тоа веројатно нема да напишат ништо."

Долгорочно проблемот е што молчењето на интернет може да се префрли и во реалниот живот.

"Дури неодамна споделувањето мислење на интернет стана нормална работа, а сега знаеме и дека она што го правиме на интернет влијае на нашите разговори во живо. Ова ја зголемува веројатноста за спиралата на молчење да се прелие од онлајн контекстот во разговорот во живо," објаснува Ангела Вашек во Медиабистро.

29 август 2014 - 10:11