Ај во 10 евра дека нема да ви се плаќа за Фејсбук и Инстаграм?

Иако по Фејсбук се ширеше еден глуп текст за неприфаќање на претплата на платформите на Мета, веста, односно заканата за 10/13 евра месечно беше реална. Засега нема да се оствари ни во ЕУ, не па кај нас (папокот на светот!), ама барем дознавме колку кошта „бесплатниот ручек“. Тој и натаму ќе го плаќаме со личните податоци и дозволувањето Фејсбук снајперски да нè гаѓа со реклами.     

Ако воопшто сте биле загрижени за тоа, можете да здивнете, макар и привремено. Нема да има задолжителна претплата на Фејсбук и Инстаграм, иако вест на неделата беше дека Мета најавува ваква опција во ЕУ и земјите кои го делат економскиот простор со неа. Што значи дека не го опфаќа Западен Балкан, па не сме „загрозени“.

„Иако тоа е совршено добра идеја, користењето на социјалните мрежи да се плаќа“, пишува Зоран Станојевиќ.

Компанијата Мета се најде под сериозен напад на законодавството на ЕУ бидејќи не само што ги собира податоците на своите корисници во Европа, туку на обработка ги испраќа и во САД. Таму, вредните алгоритми на Мета ги обработуваат и ги приспособуваат рекламите за секој корисник. Затоа гледате различни реклами од вашето семејство и пријателите. За разлика од, да речеме, ТВ програмите, каде на сите им се сервира исто. Прилагодувањето на рекламите на корисникот само по себе не е проблематично, иако според регулативите на ЕУ, потребно е корисникот да се согласи со тоа. Ова генерално не е проблем, корисниците со задоволство прифаќаат реклами ако тоа значи дека не треба да плаќаат за услугата и тоа е она што најмногу му се допаѓа на Мета. И не го кријат тоа, па во својата најава за воведување претплати јасно наведуваат дека сметаат дека рекламите се најдобриот начин за финансирање на социјалните мрежи - поточно теледиригираните реклами кои снајперски ги таргетираат корисниците.

Опасноста од пренос на податоци преку Атлантикот е тоа што податоците за граѓаните на, да речеме, Франција или Шпанија, може да ги собира и американската влада бидејќи Мета мора да ги почитува законите на земјата во која е регистрирана. Едвард Сноуден, кој живее во Русија од 2013 година, прв ни кажа дека тоа реално се случува. На земјите од ЕУ не им се допаѓа што Америка подобро ги познава нивните граѓани и има можност директно да влијае на јавното мислење.

Поради ова, ЕУ постојано го казнува Мета со драконски казни, најголемата беше лани, 1,3 милијарди евра, со обврска до октомври оваа година да се запре практиката на собирање и испраќање податоци преку океанот, за работењето на компанијата да се усогласи со GDPR (General Data Protection Regulation), односно законот за заштита на податоците).

Одговорот на Мета може да се смета за инаетџиски, но само на прв поглед. Компанијата најави дека на корисниците во ЕУ ќе им биде понудена месечна претплата во износ од 9,99 евра, а таа сума ќе се зголеми за три евра доколку претплатата се плати преку продавниците на Епл и Андроид, за да се покрие нивната мрсна маржа. Затоа, оние кои би сакале да се претплатат со мобилен телефон ќе плаќаат 13 наместо 10 евра месечно. Овој додаток може да се избегне ако ја платите претплатата од десет евра директно на Фејсбук или Инстаграм и тогаш вашата сметка е активна на сите уреди, вклучително и на мобилните. Сумата е доста голема за нешто што досега беше бесплатно.

Она што е револуционерно во оваа вест е што за прв пат дознаваме колку чини услугата што ја дава Мета, десет евра по корисник. На околу три милијарди нарачки тоа би значело нето приход од 30 милијарди евра месечно, три пати повеќе од приходите од маркетинг, кои лани изнесувале нешто помалку од 120 милијарди долари, скоро десет милијарди месечно. Тоа не се единствените приходи, но се убедливо најважни. Секако, со претплата, бројот на корисници би бил десеткуван, па целиот бизнис модел би изгледал поинаку и многу, многу поскромно.

„Тоа што знаеме колку чини „бесплатниот ручек“ е многу важно, бидејќи исто така е важно што ни беше дадена можност за прв пат да одлучиме дали ќе го прифатиме или ќе го платиме сами. Досега тоа не беше можно, односно плаќавме со нашите податоци. Останува прашањето, како можеме да бидеме сигурни дека нашите податоци не се користат и покрај тоа што плаќаме претплата, како Мета ги одвојува премиум сметките од редовните сметки? Ако го докажат тоа на убедлив начин, можеби претплатата ќе се фати. Ај во десет евра дека нема?“, нафрлува Станојевиќ.

*****************

Глупиот и лажен „отпорашки“ текст што го споделуваа по мрежите (дури и долгогодишни пратенички):

6 ноември 2023 - 10:12