За биткоинот: Секоја генерација има свој ТАТ

„Да, биткоинот беше меур и тој пукна“, пишува Ноа Смит во Блумберг за миленијалците, кои, како и многу други генерации пред нив, само што научија една болна лекција за „брза и лесна“ заработка.

На почетокот на пумпањето на секој меур обично стои изјава или тврдење на некој „од горе“ кој „многу добро ги познава работите“ дека „ова нема утка“.

За Големата депресија тоа беа изјавите на угледниот економист Ирвин Фишер кој тврдеше дека „акциите имаат постигнато перманентно високо ниво“, само неколку дена пред берзата комплетно да колабира. За кризата во 2007-ма година тоа беа оптимистичките прогнози на директорот на американскиот национален економски совет, Лери Кудлоу, кои се покажаа тотално погрешни.

На бајката за биткоинот ѝ кумува основачот на познатата компанија за анти-висрусен софтвер и страсен евангелист на крипто-валути, контроверзниот Џон Мекафи, кој во 2017 година пишува:

„Биткоинот моментално е на 16,600 долари. Ако си еден од оние од старата школа и веруваш дека ова е меур, или не ги разбираш новите математики на блок-чеинот или пак си бил мрза да пробаш да ги разбереш.“

За неколку дена валутата стигна на 19.511 долари пред да почне големиот пад во кој изгуби околу 82% од својата вредност. 

Ова не мора да значи дека биткоинот е мртов, има тој преживеано и неколку други слични падови падови, како оној во 2011 година.

Вреди да се спомне дека дури и да ги задржале сите биткоини (Hodl, како што тоа се вика во сленг, кога не продаваш иако почнува да паѓа), раните инвеститори и денеска се во ќар. Иако спектакуларно помала, вредноста на биткоинот денес е сепак поголема отколку кога тие купиле, пред приказната да почне да станува масовна. 

Но, за обичните инвеститори, оние кои не се волни рано да прифаќаат потенцијално револуционерни технологии туку чекаат потврда за чувството за сигурност, биткоинот е болна лекција. И главно гласи: финансиски меури постојат и ако не си внимателен, парите може да ти ги снема. 

Биткоинот не падна заради нагризувања од конкуренцијата бидејќи конкурентните крипто-валути треснаа уште појако. Не падна ни заради некаков регулаторен линч бидејќи регулативата тивко се прилагодуваше на новата технологија. Немаше ни критични технолошки испади; мрежата јес да стана закрчена но тоа беше очекувано и најавено.

Со други зборови, не постојат „конкретни“ причини за падот.  Верниците во „слепите пазарни сили“ тврдат дека вредноста секогаш варира заради промената на верувањето во вредноста на нешто.

„Се чини дека спектакуларниот пораст и пад не биткоинот не се должи на промена на оптимизмот во песизмизам туку е резултат на некаква агрегирана пазарна ирационалност: комбинација на „однесување на стадо“, претерани шпекулации и влез на огромен број нови, лошо информирани инвеститори,“ пишува Смит.

Токму последниве најмногу изгореа. Има многу хорор приказни за луѓе кои решиле својата скромна животна заштеда да ја стават на нешто што им изгледало како сигурна добивка, за на крај да видат како тие пари им ги снемува, нешто во ветар, нешто во џебовите на раната инвеститорска аристократија.

Како можат обични, нормални инвеститори да избегнуваат вакви епилози? Не постои лесен одговор. Да беа меурите лесни за препознавање, немаше ни да постојат.

Луѓето просто мора да сфатат дека не постои нешто што се вика „сигурен ќар“, како што за биткоинот ентузијастички тврдеа армија онлајн биткоин евангелисти. Сума сумарум, на помош останува само претпазливоста, здравиот разум и старите мудрости од типот „не се ставаат сите јајца во една кошница“, што по ново се вика „диверзификација на порфолиото“.

„На крајот, можеби биткоинот сепак донесе некаков нет-профит за човештвото. Во игра на глобално ниво беа неколку стотина милијарди долари, многу помалку од кризите со недвижностите или пак дот-ком меурот, што значи дека болката ќе биде ограничена. А од друга страна, приказната помогна миленијалците да научат лекција која некои претходни генерации ја платија и многу поскапо: дека ако нешто изгледа премногу добро да биде вистинито, најверојатно е така“.

20 декември 2018 - 16:54