Во Европа никнува нова економска сила

Не толку одамна беа на самото дно на Европската унија. Денес се надеваат дека за 20 години ќе је престигнат Германија. Полска. У моме срцу. У моме срцу мазурка...

Првиот човек на владеачката партија во Полска, Јарослав Качински, верува дека неговата земја ја презема улохата на главен мотор на економскиот раст на континентот и дека со ова темпо ќе успее до 2040 година да ја стигне Германија. 

Има познавачи на состојбите кои викаат „кочи малку, мајсторе“ и објаснуваат дека ваквата прогноза треба да се сфати во поширокиот политички контекст, а во него Полска во мај ја чекаат претседателски избори. Колку за приземјување, Полска во моментов има БДП од 500 милијарди долари а Германија седум пати повеќе, околу 3,5 билијарди.

Сепак, многу респектибилни перформанси има таа држава. Кога во 2004 влегува во ЕУ, таа е една од најсиромашните земји на ЕУ (тоа време само Летонија е посиромашна) со БДП по глава на жител од 14.800 евра годишно, стапка на невработеност 19% и просечна месечна плата околу 510 евра.

Од тогаш, полската економија расте три пати побрзо отколку онаа на ЕУ, со околу 4% годишно, наспроти 1,2% раст колку што е европскиот просек.

Качински не е единствениот оптимист. Варшавскиот School of Economics лани објави студија по која ако Полска успее да го задржи темпото на раст кој го имаше од 1990 до 2018, навистина ќе успее да ја стигне Германија. Професорка од таа школа, Хана Годјевска- Мајковска, потсетува дека Полска уште во 2015 ја престигна Грција во БДП пер капита а годинава ја претицува Португалија. 

Попретпазливите аналитичари потсетуваат дека големи цифри за раст се постигнуваат релативно лесно кога се стартува од ниска основа но дека работите се усложнуваат кога почнуваш да се мериш со големите.

Има разни причини кои стојат зад полскиот успех: големиот домашен пазар, апсорпционата моќ на соседите, странските инвестиции и парите од дијаспората, релативно ниските плати (во времето кога продуктивноста ја зголемуваат за 51%, платите им растат само за 33%; денес се на 8 евра/час а европскиот просек е 25 еврa), задржувањето на домашната валута поради што ублажено ги почувствуваа европските економски кризи во Грција и другите држави....

Но една од најбитните ставки е помошта од ЕУ од која се инјектирани 164 милијарди евра со кои се помагани капиталните инфраструктурни проекти од 2004 година. Домашните експерти признаваат дека тоа за Полска беше своевиден Маршалов план, план каков што денешната ЕУ не е подготвена да репризира ни за една друга земја.

27 февруари 2020 - 14:56