Уметност и уметност на перење пари

Ај што главно никој не знае кој ги купува уметничките дела за суми од десетици милиони евра, ама па и парите што доаѓаат главно никој не знае од каде доаѓаат, едноставно се појавуваат во системот.

Минатата година на купување на уметнички дела низ светот се потрошени 64 милијарди долари (Си-ен-ен не заборава да спомене дека 18 милиони од овие 64 милијарди биле од двајца олигарси со врски со Путин) од кои 44% се во САД. Само Сотебис минатата година имале продажба во вредност од 4,8 милијарди долари.

Нов извештај на американскиот Сенат наведува (без да обвинува) дека аукциски куќи како Сотебис и Кристис, имаат политики против перење пари, но тие законски не се задолжени да ги практикуваат истите. Во истрагата на Сенатот овие мерки се опишани како „слаби“ и „лесно заобиколиви“.

Она што го открива истрагата е дека за разлика од продажба на акции или банкарски трансфери, продажбата на уметнички дела преку аукциски куќи не е предмет на мерки против перење пари. Кога се продава уметничко дело, продавачот не мора да го потврди идентитетот на купувачот ниту пак треба да се осигура дека уметничкото дело не се користи за перење валкани пари.

Крајната цел на истрагата и извештајот е да се натераат аукциски куќи како Кристис и Сотебис (и сите останати) да ги спроведуваат мерките против перење пари. Меѓутоа целото барање е така поставено што најверојатно пак нема да заврши многу работа, бидејќи се предвидува проверките да важат само за јавните аукции, додека аукциите кои се вршат преку приватни дилери не мора да ги применуваат овие мерки.

Извештајот малку неволно наведува еден пример кога американските санкции против руски олигарси се прекршени така што уметнички дилери во свое име ги купуваат уметничките дела, па потоа приватно им ги препродаваат (или само даваат) на крајните купувачи, пракса која крајно успешно ги заобиколува сите мерки.

30 јули 2020 - 11:02