
Кинеската надворешна трговија исклучително брзо се опорави од пандемијата и тоа е највидливо во септември кој има најбрза стапка на раст во последните 18 месеци. Извозот е покачен за дури 9,9% во однос на истиот месец лани а тоа се 239,8 милијарди долари.
„Индустриското производство и натаму е за 6% под нивото од времето пред пандемијата но расте и токму тоа производство ќе биде секторот кој ќе го понесе севкупното опоравување,“ пишува Оксфорд Економикс.
Според проценки на меѓународни економски групации, кинескиот БДП ќе го оствари очекуваниот раст од 5,5% во третиот квартал а ММФ признава дека тоа ќе биде добро за целиот свет.
„Глобалниот економски колапс нема да биде тежок како што порано се проценуваше поради силните владини интервенции ширум светот и брзото опоравување на Кина.“
Резултатите се импозантни: кинескиот берзански пазар во капитализација проби 10.000 милијарди долари првпат по 2015 година на берзите во Шангај и Шензен, јуанот јакне а расте и купувањето на банкарски обврзници, првенствено поради поволните камати (на 10 годишни кинески обврзници се добива 2,3% а американските се под 0,8%).
Бидејќи ЕУ останува хронично слаба а САД се пред избори, странски инвеститори на големо вложуваат во Кина: од јануари до пред една недела имаат вбризгано 3.300 милијарди долари во кинески акции и други финансиски продукти.
На Ши Џинпин му е јасно дека ова е поволен период за Кина па мирно најавува нов економски концепт на таканаречена „дуална циркулација“ што предвидува намалување на зависноста од други пазари и зајакнување на иновативноста. Накратко, посилна внатрешна циркулација но задржување на извозната ориентираност, што Џинпин го потврди на прославувањето на 40 годишнината од слободната зона во Шензен.