ЕУ го донесе последниот и до сега најстрог пакет санкции против Русија, и Унијата пукаше шампањци и покрај тоа што новите санкции ем беа далеку од почетните амбиции околу блокадата на нафтата, ем во последен момент Орбан успеа да го спаси рускиот патријарх Кирил од санкциите.
Иако Орбан игра сериозна улога во поделбата на ЕУ фронтот против Путин, за Унијата и Западот далеку поголем проблем почнува да станува замореноста од санкциите.
„Цената за напаѓање на Путин таму каде најмногу го боли, енергенсите, преставува голема жртва за многумина лидери во време на висока инфлација и забавување на економијата, како и ужасната слика на руското напредување кое повторно добива моментум по 100 дена борби,“ пишува Лионел Лорен во текстот за Блумберг.
Дури и на најупорните поборници за санкционирање на сè руско, пример естонската премиерка Калас, им е јасно дека ќе станува се потешко да се врши нов и дополнителен притисок врз Москва, а ембарго на рускиот гас речиси и да нема шанси.
Очајот од санкциите доаѓа и од тоа што првичните процени едногласно беа неизбежен крах на руската економија и рубља до крајот на годината. Не само што до сега ова не се случи, туку на Русија финансиски и тргна подобро отколку пред војната и тоа исклучиво на грбот на Западот кој ги воведува санкциите.
„Дури и ако долгорочниот одговор тука е Русија да се удри уште посилно и побрзо, за ова витално ќе биде прво дома да се регрутира целата економска одбрана. Барклејс проценува дека целосно ембарго на рускиот гас ќе го намали БДП-то на евро-зоната за 4%; без дополнителна економска поддршка за домаќинствата, реториката на Орбан, кој безвкусно ги споредува енергетските санкции со економска нуклеарна бомба - ќе се рашири.
Анкета на Југов од април открива дека и европското јавно мислење е донекаде конфликтно: над 30% од анкетираните во седум држави вклучително и Шпанија и Италија се залагаат за инвестирање во трговија и дипломатија со Русија, наместо во одбрана и безбедност,“ пишува Лорен.
За него еден од механизмите што би можела да ги преземе ЕУ е враќање на субвенциите од времето на пандемијата за сите земји членки.
„Лесно е да се претпостави, како што некои го направија, дека поделбата оди по линија на оние кои сакаат да му услужат на Путин и оние кои се на страна на Украина. Ова не е ниту точно, ниту помага. Патувањето на Италија е посебно поучно: пред инвазијата на Путин, Марио Драги се залагаше за подлабоко врзување со гас со Русија. Тој од тогаш даде поддршка за забраната за извоз на руска нафта и поддржа испраќање тешко вооружување во Украина и покрај домашниот политички отпор.
Сепак тој повика на заеднички одговор на растечките цени на енергијата и ги поттикна САД ’внимателно’ да размислат за тоа како ќе изгледа примирјето. Како што заморот од санкциите почнува да натежнува, пристапот на Драги, а не на Орбан, е тоа што треба да ги оформува идните чекори на Западот,“ порачува Лорен.