САД сакаат да воведат минимален данок на ниво на планета Земја

Американската министерка за финансии, Џенет Јелен, предлага воведување на глобален минимален корпоративен данок како САД би можеле да наплатат некоја пара од своите корпорации за финансирање на претстојните огромни расходи.

Освен што пушти субвенции за сите граѓани на САД, Бајден неодамна го објави својот план за реновирање на американската инфраструктура во износ од над 2.000 милијарди долари.

Аргументот на министерката Јелен е дека ако САД успеат да ги убедат сите останати држави на светот да воведат глобален минимален данок, тоа ќе ја намали веројатноста дека американските компании ќе се обидат да избегаат оф-шор.

Веројатноста за „бегство“ само се зголемува имајќи ја предвид намерата на Бајден да го зголеми корпоративниот данок од 21 на 28 проценти. Претходно Трамп го намали корпоративниот данок од 35 на 21 процент, со објаснување дека тој ги става американските компании во неповолна положба заради што и бегаат оф-шор.

За почеток Јелен ќе се обиде ова да го протне кај Г20 нациите, со цел да се спречи „трката кон дното“ со даночната стапка, а потоа ќе влезе и во разговори со земјите од ОЕСР која брои 140 држави членки.

Минимумот што ќе го бара Јелен е 21%.

„Бајден зависеше од Јелен да ја убеди бизнис заедницата и да го увери Вол стрит дека неговиот над 2.000 милијарди долари инфраструктурен план, згора на 1.900-те милијарди долари субвенции, нема да доведе до инфлација.

Сега тој ја ангажира нејзе за да ги увери меѓународните министри за надворешни работи и централните банки дека најголемите економии во светот треба да делуваат заеднички околу корпоративните даночни стапки за да ја избегнат трката кон дното,“ пишува Ханс Николс во текстот за Аксиос.

Процената е дека со повикот до меѓународната заедница за воведување на глобален минимален данок, Јелен ги признава ризиците за американската економија ако таа сама посегне кон зголемување на корпоративните даночни стапки.

5 април 2021 - 16:29