„Според нас најверојатното сценарио е дека нема да се платат долговите. Во случај тие да не се исплатат, тоа нема да биде стандардна ситуација, туку најрелевантна споредба е Венецуела,“ изјавил првиот човек за кредитна стратегија на нови пазари на компанијата, Сајмон Вивер.
Неговото очекување е дека до 15 април ќе биде објавено дека Русија не може да ги исплати своите долгови, бидејќи тогаш завршува 30-дневниот грејс период што руската влада го има за исплата на долговите за доларските обврзници со краен рок 2023 и 2043 година.
Моменталната вредност на обврзниците од 2023 е 29 центи за секој долар (29% од вредноста што ја носат), што е најниска вредност до сега. Блумберг пишува дека по оваа цена немало трговија со обврзниците.
Иако е ретко вредноста на овие обврзници да падне на едноцифрена бројка, процената од Морган Стенли е дека таа би можела да се приближи до тоа ниво. За сега Либан и Венецуела се единствените држави чии обврзници паднале толку ниско.
Вивер објаснува дека сличноста со Венецуела е во тоа што и Русија има значителни резерви на гориво кои ќе влезат во игра само по отстранување на санкциите. Доколку Русија не успее да го исплати долгот за обврзниците а кредиторите добиваат судска одлука, тогаш тие ќе имаат пристап до целиот имот на Русија замрзнат надвор од земјата, вклучително и девизните резерви во странство, за наплата на својот долг.