Германските производители на масовни индустриски машини, кои зафаќаат цели фабрички хали, веќе започнаа адаптација на своите долгорочни планови на кои до сега главен приоритет им беше да го направат ланецот на снабдување што е можно поефтин. Наместо тоа сега главен приоритет им е да го направат што е можно посигурен.
Очекувањето на Шпигел е дека: „во блиска иднина - месеци, а можеби и години - државата ќе биде спасителот за голем број компании.“
„Таа има достаточни средства на располагање за да се бори со пандемијата, да ги минимизира економските последици и да организира цели индустрии. А не само што германската држава обезбедува итна помош, евтини заеми и економски стимул, таа исто така осигурува дека минималната плата за негувателите во старечките домови е значително зголемена додека главните директори во компании како Дајмлер и Луфтханза доброволно се откажуваат од своите бонуси,“ пишува Александер Јунг во текстот за Шпигел.
Од една страна футуролози како 65-годишниот Матијас Хоркс уште на почеток на пандемијата излегоа со позитивно предвидување дека по коронавирусот работите ќе се променат на подобро, и дека сегашната криза „ни дава шанса да ја забавиме економијата, да внесеме повеќе солидарност во општеството и да научиме како да се задоволиме со помалку.“
Наспроти него е теоретичарот на уметност, Базон Брок, за кого ваквите изјави се бесмислени, и дека луѓето никогаш не ги учат правилните лекции од катастрофите. Како пример за тоа Брок наведува дека по финансискиот крах од пред десетина години, банките станаа пошпекулативни од кога и да е.
Без разлика кој од овие двајца ќе излезе во право, ставот на Шпигел е дека кризата со ковид-19 е предизвикана токму глобалните од мега-трендови кои беа актуелни до пред некое време, како подвижност, урбанизација, меѓусебна поврзаност, уништување на средината.
„Меѓу промените што ќе ги доживееме е откажувањето од глобализација и промени во меѓународната поделба на трудот.
Друга е илјадниците милијарди евра долг кои ќе ја ограничат флексибилноста и на државите и на компаниите во следните години.
Технологијата најверојатно ќе стане се поприсутна во нашите животи. Повеќе внимание ќе се посветува на притисокот и товарот врз работниците и на создавање економски модел кој е и пофер и поодржлив.
Како што ќе каже Јохан Хајнрих Песталоци во 1799, ’човештвото учи само преку страдање или убедување,’ светот по коронавирусот има шанса да ги комбинира двете,“ пишува Јунг.
Еден од примерите што Шпигел го дава како компанија отпорна на кризата од коронавирусот е Гриме, производителот на земјоделска машинерија, и светски лидер за машни за собирање компир. Компанијата е базирана во близина на Бремен, има 2.700 работници и ниту еден од нив не остана без работа или привремено да е испратен дома за време на кризата. За цело ова време се почитуваат сите правила за социјално дистанцирање и компанијата работи како и вообичаено.
Иако 80% од машините се за извоз, доминантното мнозинство од производството на Гриме и понатаму се одвива во Германија како и отсекогаш. Компанијата, основана 1861, со децении се спротивставува на современите менаџерски принципи од типот дека големите индустриски производители мора да имаат производствени капацитети низ цел свет и да аутсорсираат дел од своите услуги за да останат флексибилни и ефикасни. Гриме самата произведува 85% од деловите што ги користи за своите машини.
Додека Гриме без проблем вергла низ овие неколку месеци коронавирус, неговите конкуренти како Клас и Фендт беа присилени да ги затворат своите производствени линии, а на нивните директори за производство во живо им е одржана „брутална лекција за тоа колку нивните синџири за снабдување се отпорни на криза“.
Консултантите од ЕЈ прават анкета на 145 германски компании, и заклучуваат дека една третина од нив планира да направи промени на својот синџир за снабдување како последица на коронавирусот, ставајќи поголемо значење на сигурноста, а помалку на цената.
„Произведување автомобили во Кина, кое ја загрозува интелектуалната сопственост и технолошките напредоци, не може да се смета за одржливо,“ објаснува економистот Томас Страубар.
Неговите процени се дека самата глобализација веќе некое време ја губи својата привлечност, затоа што ценовната предност на Кина полека се намалува, и платите во повеќе делови од земјата се покачени на ниво на Источна Европа. На ова се надоврза и пандемијата, која наметна уште еден ризик, „сите знаеме дека ова нема да биде последната пандемија“.
„Тоа е сознание кое менува сè. Тие што денес имаат 45 години, што е просечната возраст во Германија, никогаш во својот полнолетен живот немаат доживеано ништо освен свет со отворени граници, слободен пазар и залетана глобализација. Тоа е ера која започна пред три децении со падот на Берлинскиот ѕид,“ објаснува Јунг.
Спротивна приказна од Гриме е Адидас, каде само 5% од производството е нивно. 630 компании од 52 држави го снабдуваат Адидас со крајни производи. Ова до почетокот на годинава беше сонот на генерации директори низ најразлични индустрии. Ваков ланец на снабдување е излудувачки да се одржи во регуларни услови, во време на глобална криза тоа е невозможно.
Во април, во германска студија 89% од компаниите изјавиле дека имале очигледни пречки за нормално функционирање на бизнисот. Најочигледен и најболен беше проблемот кај германската фармацевтска индустрија, која своите основни состојки во најголем дел ги набавува од само неколку фабрики во Кина и Индија. Во март Индија го забрани извозот на 26 активни состојки и лекови, вклучувајќи парацетамол и состојки за производство на антибиотици. Поуката што Германците ја извлекоа од ова е дека делови од производството за фармацевтската индустрија ќе треба да бидат вратени назад во Германија, што ќе значи дополнителен трошок и последователно кревање на цената, па кутивче парацетамол повеќе нема да чини 1,29 евра, ама затоа нема да се зависи од Индија за негова набавка.
Едно од решенијата што се нудат за зауздување на трошоците е автоматизација на производството, односно повеќе роботи во фабричките хали, „работат нон-стоп, не се разболуваат и не бараат одмор. Исто така не мора да се на 1,5 метар еден од друг во време на пандемија, на кратко, тоа е тоа што овозможува да продолжи производството во Германија.“
За да не бидете раат, економистите предупредуваат дека откако светот и индустриите во него ќе се надградат технички, тогаш ќе треба да стравуваме од потенцијална „виртуелна пандемија“ која во корен би ги уништила сите напредоци што биле воведени. Според нив, последиците од таа криза може да бидат полоши и од последиците од корона кризата.