Молсхајм искуство, или како се купува ново Бугати

Ти требаат пари, и педигре дека имаш пари, па ако они мислат дека си заслужил да купиш Бугати тогаш те пречекуваат со хеликоптер, и дури потоа почнува целата процедура.

Потенцијалните купувачи на Бугати, не сите што ќе посакаат туку оние што ќе се квалификуваат, со хеликоптер се носат до Молсхајм, родното место и централата на Бугати во Алзас, Франција.

Иако нема објавено официјални стандарди за квалификација, генерално се знае дека ако имаш купено Вејрон, влегуваш и во кругот за новото Бугати. Исто така, просечниот сопственик на Широн меѓу другото има колекција од 42 автомобили и два авиона.

Според портпаролот на Бугати, само од Северна Америка месечно во “Молсхајм искуството“ во просек учествуваат по двајца муштерии.

„Искуството“ почнува со прошетка на имотот по што се влегува во дворецот каде што се запознаваш со историјата на Бугати брендот и Бугати семејството.

По ова следува мала парада на винтиџ Бугати автомобили, која муштериите ја завршуваат со круг во Бугати тип 35 од 1926, моделот кој има над 2.000 победи и освојувања на подиум.

Кога ќе се заврши со историјата, муштериите се носат во Атеље, фабриката за Бугати сместена на истиот имот во Молсхајм во која мајстори рачно ги составуваат автомобилите според барањата на секој муштерија.

Откако ќе завршат со прошетка и одморање, на ред доаѓа потенцијалните купувачи да го пробаат Бугати Широн на отворен пат, придружувани од искусен возач. По враќање на имотот, муштериите придружувани од дизајнер почнуваат да го составуваат Широнот кој го посакуваат, од боја до материјали.

Портпаролот на компанијата објаснува дека на крај голем број купувачи сакаат два Бугати Широн, еден за возење еден да им седи во колекција.

Основната верзија на Широн чини 2,9 милиони долари. Спорт верзијата е 3,26 милиони долари.

Комплетното производство на автомобилот е распродадено до втората половина на 2021.

10 септември 2018 - 12:18