Мистеријата на исчезнатите руски милијарди

Минатата година Русија има БДП кој достигнува околу 1600 милијарди долари, сума која и покрај целата почит што ја заслужува не е ни приближно баснословна кога ќе видиш дека е еднаква на БДП-то на Тексас.

Сомнежот на западните и руските економисти е дека ваквата завршна сметка на Русија не ја отсликува вистинската финансиска состојба и пари со кои располага државата и нејзиниот апарат.

Логиката е дека за Русија да може да ги спроведе сите работи за кои е обвинета (од Крим до хакирање избори во САД), земјата располага со непријавени приходи кои лагодно седат на сметките на руските олигарси.

Минусот кој им боде очи на економистите е непорамнувањето на сметката меѓу изобилието на природни ресурси на Русија, првенствено нафта и гас, а потоа и јаглен, житарки, минерали и останато, и растот на извозот од една страна и пријавениот БДП на земјата од друга.

„Кога држава или компанија има постојан суфицит, тие мора да најдат начин нешто да направат со парите што ги заработуваат во странство. Затоа константниот суфицит е речиси гарантиран начин за таложење на богатство во други држави, обично во форма на имот или позајмици за странци.

Како ова се одразува на Русија? Собери ги над две децении дебел извозен суфицит и ќе добиеш наталожени инвестиции во странство еднакви на 230% од националниот приход - и тоа без да се вклучи ќарот направен од овие инвестиции, што би требало да донесе уште многу повеќе.

Најголем дел од богатството, не се појавува во сметководствените книги на Русија. Во 2015, нејзиниот официјален имот во странство е еднаков на едвај 26% на националниот приход.

Проста математика покажува дека уделот на овој акумулиран суфицит во износ од над 200% од сегашниот руски БДП е исчезнат. Имајќи го предвид стабилниот годишен приход што би бил заработен од овие инвестиции, економистите проценуваат дека вкупната сума на странско богатство што недостасува е околу 300% од сегашниот руски БДП,“ пишува Гвин Гилфорд во Кварц.

Парите не се исчезнати комплетно, туку само ги нема во државниот буџет, и најверојатно преку оф-шор трансакции завршуваат на сметките на олигарсите. Тие нагласуваат дека ова не треба да се помеша со парите кои се ограбени од Русија за време на транзицијата, туку дека станува збор за сосема други пари кои изминативе децении редовно се префрлаат на сметките на богаташите.

Со други зборови: „богатството што руските богаташи го чуваат во странство - Британија, Швајцарија, Кипар и слични оф-шор центри - е поголемо отколку богатството на целата руска популација во што живее во Русија.“

23 јули 2018 - 13:02