Лошиот бизнис модел што го освојува светот

Она што беше основа на целата индустрија за бричови и жилети (продај им евтина рачка, па вади ги парите од жилетите), сега стана бизнис модел на речиси секоја индустрија од мобилни телефони до кафемати.

"Замисли колата да можеш да ја полниш само со еден бренд на бензин. Откако ја купуваш колата ти си заробен - ставаш друг бренд и таа веќе не ни трга. Звучи лудо, ама ова е истиот бизнис модел што се шири низ сите индустрии од кафемати до четки за чистење. Промените во глобалната економија само помагаат ова да се рашири, речиси секогаш на штета на потрошувачите," пишува Даниел Алтман во текстот за Форин Полиси.

Зависноста што ја создава овој модел почнува со цената на производот која најчесто е пониска од неговата вистинска цена, и потоа го преплаќаш кога ќе се навлечеш на него.

"Овој модел не е базиран на тоа колку вреди производот: туку, тој искористува неколку слабости околу тоа како потрошувачите носат одлуки.

На пример, потрошувачите може не го разбираат долгорочното чинење на производот кога прв пат купуваат нешто. Ако инкџет печатач со вграден скенер, фотокопир и факс машина, се продава за 79 долари, колку ќе платите за да го користите да речеме во следните 3 години? Одговорот на ова прашање зависи колку многу страни ќе испечатиш, колку страни може да се испечатат со еден кертриџ, и цената на кертриџот во следните 3 години. Тука има многу малку транспарентност, потрошувачите е поверојатно да се водат по цената на принтерот, која може да наведува на погрешно мислење," објаснува Алтман.

Кривицата кај потрошувачите е што тие обично многу повеќе ги вреднуваат парите што ги трошат во моментот, во однос на парите што ќе ги потрошат во иднина, "заради што идната верзија од себе си ја прават релативно посиромашна."

Моделот е штетен и за самото општество, бидејќи наместо да купат еден брич кој ќе им трае со години, луѓето постојано купуваат нови, притоа фрлајќи ги тие што ги имаат без да ги искористат до крај. Мастилото за печатачи се нуди во мали пакувања за производителите да се осигураат дека потрошувачите никогаш нема да се соочат со висока цена.

Заради оваа формула, компаниите немаат поттик да ги прават своите производи поиздржливи и поефикасни, бидејќи отпадот е дел од нивната стратегија.

Она што исто така оди во корист на овој модел се промените во глобалната економија, како поевтината нафта која ќе ја намали цената за производство на пластика, заради што компаниите ќе можат да ги намалат цените или да извадат поголема маржа на предметите и деловите кои се заменливи.

"Она што може да се направи е да се образуваат потрошувачите, посебно ако можат да најдат начин како овој модел да работи во нивна корист. Долгорочното финансирање за трајни производи исто така може да помогне. како што тоа го направи кај автомобилите. Меѓутоа, поверојатно, овој модел ќе остане профитабилен се додека ресурсите не станат толку ретки што потрошувачите ништо нема да сакаат да фрлаат. Иронично, моделот на брич и жилети се повеќе не' приближува до тој ден," пишува Алтман.

29 декември 2014 - 11:24