Кинези за ич пари си купија Тошиба

Кинески електронски гигант, релативно непознат на овие простори, за една скроз нефасцинантна сума купи битен дел од Тошиба, прочуениот производител на телевизори, аудио и видео опрема. Претходно за мали пари Кинези го купија и Шарп. Зошто? Затоа што и Тошиба и Шарп, и таму и овде, некому сè уште звучат јако. А Јапонците не се она што беа.

За 112 милиони долари, кинескиот Хинсенсе купува 95% од јапонскиот Toshiba Visual Solutions Corp. Тоа не е нивната прва меѓународна купуванка; пред две години го откупија бизнисот на Шарп за Северна Америка и Мексико.

Иако се работи за мали пари (Кинези за она мачката што зборува дадоа милијарда долари) последнава аквизиција таму предизвика огромен интерес на јавноста, бидејќи Тошиба е одамна познат и почитуван бренд чиј слоган „Тошиба во новата ера“, Кинезите многу добро го патат.

Последниве години, многу познати јапонски производители на електроника ги продадоа своите премиум брендови на странци. Во моментов, четири од шесте најголеми јапонски производители на телевизори ги држат кинески компании.

Освен глобалниот пад на атрактивноста на бизнисот со бела техника, ова со Јапонците има и локална димензија откако неколку сериозни скандали го потресоа митот на педантноста и совршеноста на јапонските производи.

Гигантската челичарница Кобе ја удри брука со штелување на податоци за квалитетот, Мицубиши беше фатен дека ја лажира потрошувачката на гориво а Нисан ги затвори сите свои производни погони на територијата на Јапонија откако беше утврдено дека во последниве 20 години, проверка на квалитетот изведувале нелиценцирани лица.

20 ноември 2017 - 18:09