Истите западни економисти кои пред неполни 6 месеци тврдеа дека рускиот буџетски дефицит годинава ќе биде 5 до 6 проценти од БДП-то, сега ги наштелуваа своите очекувања на некои си 2%. Помалиот дефицит значи дека руската држава ќе може да си дозволи уште повеќе да инвестира во војната во Украина без дополнително да се задолжува и ќе го намали притисокот врз рубљата, која откако ја надмина границата од 100 рубљи за долар, сега повторно е симната под 100-ка. За следната година Русија најави зголемување на воената потрошувачка за 70% на рекордни 100 милијарди долари, што не најголемата сума од распаѓањето на СССР.
Светската банка во својот извештај неодамна објави дека ограничувањето на цената на руската нафта е „неспроведливо“.
Успехот на Русија во заобиколувањето на санкциите се базира на создавање на своја флота од постари танкери кои не се опфатени со забраната на Г7, а со тоа и казните предвидени за нејзино прекршување.
Русија моментално има тајна флота која превезува нафта и нафтени производи од руските пристаништа која брои 180 танкери. Нејзини најголеми потрошувачи се Кина, Индија и Турција, кои не ја почитуваат горната граница од 60 долари за барел.
Трговците го заобиколуваат ограничувањето со тоа што вештачки ги пумпаат цените на превозот, а самите санкции зависат од документација кој потврдува дека компанијата тргува во рамки на ограничувањето, чија точност и вистинитост е тешко да се утврди.
Препораките за Западот се да го засили спроведувањето на казните за прекршување на ограничувањето на цената, да ја стегне документацијата за да спречи измами и да ги истражи надуените трошоци за испорака и осигурување.
Една од утехите за Западот е дека и покрај заобиколувањето на санкциите Русија во просек нафтата ја продава за 74 долари за барел, и покрај тоа што глобалниот просек е 88 долари, како и тоа дека парите што ги потрошила за составување на флотата танкери инаку би биле потрошени на нови тенкови и оружје за војната во Украина.