Американските трговски правила вклучуваат и еден исклучок за минимална количина која Американците решиле дека е премногу мала и не се исплати да се губи време за нејзе, а тоа се пакети со вредност под 800 долари на кои им е дозволено да влезат во Америка без давачки.
По оваа основа, само годинава во САД се очекува да влезат над 1,4 милијарди пакети со вредност од нешто помалку од 66 милијарди долари без никакви дополнителни давачки. Во 2019 бројката била 500 милиони пакети.
Ваквото олеснување е старо со децении и главно е предвидено за обичен народ да не се смара со царински постапки кога носи нешто во САД на враќање од странство. Границата со години е 200 долари, пред да биде крената на 800 пред неполна деценија.
Меѓутоа изминатиов период седум од десет пратки што влегуваат во САД и се опфатени со ова олеснување доаѓаат од Кина, само на Шејн и Тему отпаѓаат три од десет.
Економист се сомнева и дека вредноста наведена на пратките е точна и вистинска, наведувајќи дека неверојатни 16% од пратките биле со цена под 1 долар. Друг пристап за легален шверц е една поскапа пратка да се подели на неколку пакети и така да избегне плаќање данок, или самите платформи ги предупредуваат купувачите да ги поделат своите пратки при купување.
Посебен метод е „Тихуана двочекор“, во кој камиони со кинеска роба се паркираат во складишта во Тихуана, таму контејнерите се растовараат и целата роба се пакува во илјадници мали пакетчиња кои потоа се внесуваат во Америка без давачки.