Блумберг пишува за една од фабриките на Нестле во Мичиген, во руралната Мекоста област. Капацитетот е 10 ленти за полнење на вода во пластика од најразлични димензии, од кои секоја лента вади меѓу 500 и 1.200 шишиња во минута, а работат 24/7. Околу 60% од водата пристигнува од локалниот извор преку 20-километарски водовод, а останатите се пренесуваат со камион од соседната област, оддалечена околу 60 километри. Планот им е производството да достигне 3,5 милиони шишиња на ден.
Нестле има околу 100 фабрики за флаширање вода во 34 држави низ цел свет. Компанијата моментално е број 1 во светот по продажба на флаширана вода, пред компании како Кока-кола, Данон и Пепси. Нестле вотерс поседува речиси 50 брендови на вода низ цел свет, вклучувајќи ги Перие и Сан Пелегрино.
Минатата година пазарот на флаширана вода во САД постигна два рекорди, прво продажбата изнесуваше 16 милијарди долари (што е 10% повеќе од 2015), и второ, за прв пат беше продадено повеќе вода отколку газирани сокови.
На светско ниво Нестле имаше продажба на вода во вредност од 7,7 милијарди долари, од кои 343 милиони доаѓаат од фабриката во Мекоста.
"Фабриката во Мичиген е само мал дел од Нестле, најголемата компанија за храна и пијалаци на светот. Меѓутоа покажува како Нестле успеа да доминира со контроверзната индустрија, извор по извор, честопати одејќи во економски потиснати општини со ветување за нови работни места и нова инфраструктура во замена за даночни олеснувања и пристап до ресурси кои им недостасуваат на милиони луѓе. Онаму каде што Нестле ќе наиде на локален отпор против неговото индустриско црпење, ги пушта своите адвокати; каде што е добредојден, таму ги турка границите на гостопримството, понекогаш со согласност од сојузната или локалната власт кои се премногу заглавени со пари за да одбијат. Тука е и вообичаениот трошок за терање бизнис, вклучувајќи превоз, инфраструктура и плати. Меѓутоа Нестле плаќа малку за производот што го флашира - понекогаш редовна цена на водата, а понекогаш само номинален надомест за црпење вода," пишува Каролин Винтер во текстот за Блумберг.
Колку малку е малку? За водата што ја црпи за конкретната фабрика (речиси 500 милиони литри годишно) Нестле на Мичиген му плаќа годишен надомест од 200 долари и плус 5.000 долари административна такса за барањето.