Како АОЛ и Јаху паднаа толку ниско?

5 милијарди долари главно не е сума која важи за некое дно, но во пресметките на корпоративна Америка Веризон ги продаде двете компании за само 1% од највисока вредност што некогаш ја достигнале.

Во својот пик на вредноста Јаху беше проценет на над 125 милијарди долари, а АОЛ на 200 милијарди долари, или адаптирано на денешната инфлација 193 односно 318 милијарди долари.

Во својата историја Јаху два пати има одбиено да го купи Гугл за само дел од денешната цена, а АОЛ во 2006 имал преговори за купување на Фејсбук и Јутјуб, и тие завршуваат неуспешно.

На денешен датум заедничката вредност на двете компании е 187 пати помала од пазарната вредност на Фејсбук и 318 пати помала од онаа на Гугл.

Историски најголемата грешка на АОЛ е што во 2000-та решава да го купи Тајм Ворнер за 182 милијарди долари, со што компанијата заглавува во огромен долг токму во моментот пред пукањето на дот-ком балонот, и подемот на броудбенд интернетот што направи дајл-ап интернетот на АОЛ да биде излишен. Иако купувањето на Тајм Ворнер колку толку му помага на АОЛ во кризата по дот-ком балонот, на долг рок таа е неуспех и резултира со незамисливи загуби за компанијата.

Јаху има помали набавки, па во 1999 плаќа 10 милијарди долари за купување на Геосајтс и Бродкаст.ком. И двете компании денес се затворени. Во 2013 тие го купуваат Тамблр за 1,1 милијарда долари, па го продаваат во 2019 за 3 милиони. Во 2012 продаваат 40% удел во Алибаба за 7,6 милијарди долари, за само по две години Алибаба да се појави на берза и да вреди 5 пати повеќе. Во 2008 тие одбиваат да бидат купени од Микрософт за 44,6 милијарди долари, за 10 години подоцна да бидат купени од Веризон за само 10% од оваа цена.

Кога Веризон ги купува двете компании (во 2015 и 2017) за неполни 9 милијарди долари, намерата е да се искористат огромните количества податоци што тие ги имаат за своите корисници и тоа да помогне во продажба на производите на Веризон на истите.

За кратко време станува јасно дека двете компании ни од далеку не можат да им конкурираат на Гугл и Фејсбук во маркетингот.

Тим Армстронг кој доаѓа во Веризон како прв човек на АОЛ и кој требаше да биде одговорен за медиумите, изненадно ја напушта компанијата во 2018. Истата година ЦЕО на Веризон станува Ханс Вестберг, кој многу брзо се откажува од планот да инвестира во медиумскиот оддел на компанијата.

Во меѓувреме главните конкуренти на Веризон, влегуваат сериозно во видео стримингот. АТ&Т кој во 2018 го купува Тајм Ворнер за 85 милијарди долари, го создаде ХБО Макс видео стриминг сервисот, а Комкаст, кој од 2011 го има Ен-би-си Универзал, го создаде Пикок видео стриминг сервисот.

4 мај 2021 - 13:04