Јасно ко бел ден е дека големите фармацевтски куќи на големо ја користат традиционалната медицина и знаењето на локалците. Меѓутоа, бидејќи природните материјали не можат да се патентираат, тие често ги земаат посакуваните екстракти од растенијата и потоа безначајно ги модифицираат само за да можат после тој производ (кој се базира на општо достапни растенија и сирови материјали) да го патентираaт и да млатат пари на него.
Посебно одвратно е кога тие природни сирови материјали се земаат од сиромашни земји за речиси без пари за потоа истите да им се вратат во вид на скапи лекарства и апчиња кои локалното население тешко може да си ги дозволи.
Меѓутоа, неодамна имаше еден интригантен дриблинг во фармацијата. Компанијата Алерган, позната по тоа што го произведува Ботокс, реши своите права на нивното најпродавано лекарство (Рестасис, капки за очи) да им ги отстапи на едно ирокеско племе во њујоршката држава а потоа од нив да ги изнајмува правата за тој лек.
На прв поглед, ова изгледа како великодушен гест на фармацевтската компанија со која сака да исправи некои историски неправди направени со експлоатирање на индијанските познавања на традиционалната медицина.
Но, се работи за многу прагматичен потег кој како мотив го има единствено интересот на компанијата. Имено, домородните индијански племиња, според американските закони, уживаат во нешто што се вика „суверенитетен имунитет“, кој ги штити од некои федерални закони. Меѓу другите, и од законите за патенти. Што значи дека со овој генијален а кварен потег, Алерган всушност самата се заштити од долги и скапи спорови околу патентот („Не е наш патентот, видете тоа со Индијанците“).
Еве го есапот:
Компанијата Алерган ќе ги изнајмува од Индијанците правата за капките „Рестасис“ за сума од 15 милиони долари годишно.
Истите тие капки, само во 2016 година, на Алерган му имаат донесено добивка од 1,5 милијарди долари.