Неделава кинеската влада ги објави бројките кои покажуваат дека цените на суровините и производите кои излегуваат од нивните фабрики пораснале за 6,8% во однос на минатиот април, што е најголем раст во изминатите 3 години.
Бројките покажуваат дека на различни места од забрзаното закрепнување на Кина се појавуваат „џебови на зголемени цени“. Ова го отсликува глобалниот раст на цените на стоките кој се базира на ненаситната побарувачка на Кина и надежта дека и другите големи економии ќе направат камбек.
Кинескиот Индекс на цените на производителите е составен од цените на производите кои фабриките им ги продаваат на продавниците, пред тие да ги продадат на крајните купувачи.
Во него се вклучени и цените на суровините (јаглен, дрво, волна, нафта... што и да е) кои се продадени од компаниите што ги вадат на компаниите кои ќе ги искористат за да направат краен производ од нив.
Во сегашниот случај токму втората категорија е причината за растот на цените на производителите. По крахот кој се случува минатата година сред пандемијата, неделава, на пример, железната руда ја достигнува највисоката цена во историјата, а сериозен скок имаат и цените на нафтата во однос на 2020.
Растот на цената на железната руда на пример се должи на градежниот бум што се случува во Кина кој довел до рекордно производство на челик во 2020.
Процената на банкарски аналитичари и државни економисти е дека ваквиот раст на цените ќе има ограничено влијание и нема да ја надмине очекуваната инфлација во Кина за годинава.
Очекувањата се дека во Кина проблемот ќе го реши Народната банка преку играње со каматните стапки и условите околу кредитирање. Кинеските власти веќе преземаа мерки за да се зауздаат недвижностите во земјата и да се избегне создавање балон, како и индустријата за челик која минатата година работеше со досега незабележана стапка и директно ги загрози еколошките таргети на Кина.
Економистите од ИНГ, пак предупредуваат на инфлација на чипови кои ќе се надоврзат на зголемените цени на производството. Според нив, заради недостатокот на чипови веќе почнаа да поскапуваат потрошувачки производи како машини за перење и лаптопи.
Освен домашната побарувачка, Кина дава се од себе за да ги покрие и нарачките од Западот. Според официјални бројки кинескиот извоз во однос на април минатата година пораснал за 32,3 проценти.
Оптимистичкиот исход од целата ситуација, во кој се крстат економистите, е дека чисто заради конкуренција меѓу кинеските производители, растот на цените нема да се одрази на крајните купувачи низ светот.