Илиноис му зема на Фејсбук 550 милиони долари на суд, од нив 25% одат за адвокати

Основата на Илиноис е дека Фејсбук ги прекршува тамошните закони за биометриска приватност. Основата на адвокатите е дека без нив ништо од овие 550 милиони Илиноис немаше да види.

Парите, што ќе останат, ќе бидат поделени меѓу 6 милиони жители на Илиноис чии слики и имиња биле зачувани од Фејсбук како дел од опцијата за „тагирање“ на фотографии. Според закон на Илиноис од 2008, компаниите мора да побараат експлицитна дозвола од луѓето пред да можат да ги зачувуваат нивните биометриски податоци.

Во чисти пари, адвокатите ќе земат 137,5 милиони долари за нивната услуга, а од останатите 412,5 милиони долари секој оштетен ќе земе по околу 70 долари.

Она што е разочарувачко за оштетените (освен парите што адвокатите ќе ги стават во џеб), е што законот што Фејсбук го прекршува предвидува оштета од 1.000 до 5.000 долари по човек за секое намерно прекршување. Затоа што Фејсбук ја додал опцијата за тагирање, активно ги поттикнувал корисниците да ја користат и ги зачувувал нивните слики и податоци, се смета дека тој намерно го прекршувал законот. Меѓутоа затоа што во конкретниот случај во прашање се милиони оштетени судот се решава да ја спушти казната на 70 долари.

Сумата што ја изгуби Фејсбук на суд е сериозно незамислив износ, што би бил погубен за најголемиот дел од фирмите низ светот. За Фејсбук, тоа е отприлика 1-неделен приход според бројките од четвртиот квартал на 2019.

Доколку Фејсбук платеше по минималната стапка од законот, 1.000 долари од човек, тоа ќе изнесуваше 6 милијарди долари, што е еднакво на една третина од профитот што Фејсбук го имаше во 2019 (на приходи од 71 милијарда долари).

13 мај 2020 - 09:45