Хуавеи на големо работи со Јужна Америка и посебно Аргентина, држава која изминативе години стана озлогласена по својата инфлација.
Шпекулацијата е дека Хуавеи верува дека аргентинското говедско месо и неговата вредност ќе издржат многу подолго отколку вредноста на аргентинскиот пезос, заради што и своите побарувања од тамошните клиенти ги наплаќа во говедско.
Веста која ја објавува Томс хардвер се базира на видео репортажа од Кина која тврди дека Хуавеи станал најголемиот увозник на говедско во земјата.
Едно од објаснувањата на Томс хардвер е дека Хуавеи е конгломерат кој под себе има голем број компании во најразлични бизниси. Една од нив е Шангај мосел трејд, која продава увозна храна и има сопствен бренд на вино.
Нивната истрага потврдила дека Хуавеи почнал да ги наплаќа телефоните и мобилната опрема што им ги продава на Аргентинците во говедско месо и вино, бидејќи клиентот не можел да ги собере потребните пари во долари или јуани. Од друга страна пак, пезосите со кои располагаат аргентинските телекоми, не се прифатливи за Хуавеи бидејќи ќе треба одма да ги потроши за да не му ги изеде инфлација.
Хуавеи наводно го продава говедското месо и на големо и на мало. За сега не е познато дека Хуавеи и на други земји им наплаќа во храна.